Премиерот Заев се сретна со делегација на Европската народна партија (ЕНП/EPP)

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска прими делегација од Европската народна партија (ЕНП/EPP) во чиј состав беа европратениците Андреј Ковачев (Бугарија), и Туне-Валдо Келам (Естонија), кој ги придружуваше амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.

Европратеникот Ковачев, во име на делегацијата на Европската народна партија го информираше премиерот Заев дека нивниот престој во Република Македонија е во насока на подготовка на придонесот на ЕНП за извештајот на ЕУ за напредокот на Република Македонија во процесот на придружување кон Европската Унија.

Премиерот Заев ги информираше гостите за текот на разговорите за прашањето за името на нашата земја со Република Грција, и истакна дека денешната посета на министерот Коѕијас на нашата земја и неговата средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров, е чекор напред во овој процес и дека на претстојната средба со медијаторот Нимиц во Виена се очекуваат нови моменти во приближувањето на разликите.

Претседателот на Владата на РМ на средбата нагласи дека во однос на ова прашање е договорена и воспоставена пракса на редовно информирање на македонскиот државен врв, вклучително и опозицијата, како демократска пракса за важните прашања од интерес на државата да се бара и почитува мислењето на сите засегнати страни во политичкиот спектар.


Премиерот Заев ги информираше европратениците Ковачев и Келам и за актуелните политички прашања во земјата, и истакна дека, како и за прашањето за името, Владата на РМ настојува да обезбеди широка дебата и инклузивност на граѓанското општество и опозицијата за сите реформски процеси и законски решенија.

Европратениците Ковачев и Келам, како претставници на Европската народна партија, истакнаа дека со внимание ги следат сите процеси во Република Македонија и дека даваат силна поддршка на реформските процеси и на решавањето на спорот со Грција, бидејќи, како што нагласија, од особена важност е колку што е можна побрза интеграција на земјата во ЕУ и НАТО заради стабилноста, безбедноста и развојот на земјата и на регионот во целина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e