Политичарите ги избираме и според изгледот

Изгледот на кандидатите на последните парламентарни избори избори во Германија во септември 2017. година се чини беше многу поважен од претходно, покажува најнова студија од Универзитетот во Диселдорф.

Дојче веле: Вие на Универзитетот во Диселдорф, во рамките на студијата под наслов „Избирање убави или избирање убавина“, ја меревте атрактивноста на кандидатите на минатогодишните избори за германскиот парламент, споредувајќи ја со исходот на изборите. Дали добар изглед ги зголемува шансите на изборите?

Лена Маш: Да, воочивме позитивен ефект на атрактивноста на процентот директни гласови кои некој од кандидатите ги добија на изборите. Атрактивен кандидат во просек добива пет проценти повеќе гласови на избирачите во споредба со политичар со неатрактивен изглед. Атрактивноста на кандидатите во изборната единица носи и поголема излезност на изборите.

ДВ: Кои други фактори играат улога за избор на одредени кандидати, дали атрактивноста е поважна од нивната политичка програма?

Ги меревме и другите карактеристики на политичарите. На пример, дали имаат докторска титула или мигрантско потекло, од кој пол се и дали веќе биле пратеници во Бундестагот. Во однос на тие лични фактори, физичкиот изглед на кандидатите е на второ место. Поголемо влијание на успехот на одреден директен кандидат имаше само неговата популарност во јавноста. Партиската припадност и програмските заложби не ги сврстивме во нашиот модел како лични фактори на кандидатот, тоа пред сѐ, како и порано, има важна улога.

ДВ: Цело време зборуваме за атрактивност. Како воопшто дефиниравте кој кандидат атрактивен, а кој не? 

Во истражувањето на атрактивноста земаме во предвид дека во општеството постојат критериуми за тоа дали е некој атрактивен или не. Атрактивноста може објективно да се измери ако се прашаат доволен број луѓе. Ние ангажиравме 24 студенти да извршат анкета. Сите 1.779 директни кандидати на германските избори беа оценувани со оценки од „0“-многу неатрактивен, до „6“ – многу атрактивен. Најатрактивен кандидат е Кристијан Линднер од Слободните либерали. Тоа го потврдуваат и добрите резултати на ФДП, чија предизборна кампања беше прилагодена на Линднер.

Lena Masch, wiss. Mitarbeiterin der Heinrich Heine Universität Düsseldorf (privat)Лена Маш: Поатрактивните кандидати добиваат поголем број директни гласови

ДВ: Како е можно избирачите да донесуваат политичка одлука врз основа на изгледот на кандидатите?

Паралелно со усложнувањето на политиката и светот, се зголемува веројатноста избирачите да се ориентираат според едноставни, видливи фактори. Тие значи го оценуваат кандидатот врз основа на она како го гледаат, иако е тоа површно. Ако некој делува здраво и атрактивно и ако е во добра форма, тогаш гласачите очигледно повеќе му веруваат. За избирачите е помалку компетентна личност која изгледа неуредно и е грда. Сето тоа е несвесен процес.

ДВ: Дали успехот на кандидатите и порано бил поврзан со нивниот изглед или е ова нешто ново?

Професор Розар, кој ја раководеше оваа студија, слични истражувања спроведува од парламентарните избори одржани во 2002. година. Компарирано со претходните години, атрактивноста на изборите во 2017. година имаше најголемо влијание. Не може со сигурност да се каже дали е тоа само моментно или станува збор за тренд. Меѓутоа, сигурно е дека сега живееме во визуелно доба, во време кога надворешниот изглед игра важна улога. Ова е време и на поперсонализирани предизборни кампањи на политичките партии. Содржинските профили на партиите не се веќе толку разделбени како пред неколку децении, на пример кога само Зелените се залагаа за заштита на животната средина.

ДВ: Одамна е познато дека надворешниот изглед игра важна улога при носењето одлуки. Еден пример е и тоа што поатрактивни деца добиваат подобри оценки во училиште. Што може општеството да направи со резултатите од вашата работа?

Не сакаме да даваме конкретни препораки, туку во најмала рака сакаме во јавноста да се формира свест по ова прашање. Политичарите би требало да знаат за улогата која ја игра нивниот изглед. А на избирачите, кои често мислат дека донесуваат рационални одлуки, би требало да им е јасно дека потсвесно се раководат од некои други работи.

Лена Маш е стручен соработник во Институтот за социологија на Универзитетот Хајнрих Хајне во Диселдорф.

Извор: Дојче веле

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e