Над 8000 фирми ќе побараат субвенции, сериозен исчекор во отварањето на нови работни места

Околу 8.000 компании ќе учествуваат во програмата на Владата за финансиска поддршка на инвестициите, кажа Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, по денешната средба на стопанствениците со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и со министерот за економија Крешник Бектеши. Тој кажа дека ова ќе биде сериозно влијание врз развојот на економијата во земјава.

„Оваа информација денес со нас ја споделија министрите и затоа како стопанственици максимално ќе го поддржиме носењето на законот за финансиска поддршка на инвестициите, како и неговата имплементација“, рече Азески.

Тој кажа дека минатата недела го повикале и раководството на ВМРО-ДПМНЕ во Стопанската комора, за да го замолат да не го блокира донесувањето на законот.

„На ден пред влегување на законот за финансиска поддршка на инвестициите во владина процедура, вицепремиерот и министерот се одважија да дојдат во Стопанската комора на последни консултации и да ги слушнат нашите мислења иако расправат на ЕНЕР трае и во текот на утрешниот ден. Носењето на овој закон е многу значајно, затоа што шест месеци сме на терен околу оваа иницијатива, која добива масовна поддршка од компаниите и не може да дозволиме да не се реализира, оти тој ќе има финансиски импликации кај нас“, кажа Азески.

Тој рече дека отворени прашања околу субвенциите што компаниите треба да ги добијат од државата нема, и дека компаниите ги имаат завршните сметки, а од министрите добиле уверување дека има оперативни средства во буџетот.

„Сите предуслови се исполнети и може да очекуваме една брза постапка во која компаниите ќе бидат поттикнати да инвестираат и да вработуваат. Не радува што со оваа програма приоритет имаат успешните компании и тоа дава поттик тие и натаму да влечат напред. На денешниот состанок имавме забелешка околу рокот за исплаќање на парите и нѝ беше кажано дека тоа ќе биде во рок од 45 дена, потоа околу холдинг друштвата, но се усогласивме и нема ништо спорно“, кажа Азески.

Вицепремиерот за економски прашања Анѓушев кажа дека од стопанствениците чуле неколку корисни забелешки и дека со претходните забелешки што се вградени во законското решение имаат текст на закон кој е применлив и кој ќе даде резултат на развојот на економијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e