Меѓу осудените насилници од Собранието има болничари, писатели и педагози

Кривичниот суд попладнево експресно ги прифати признанијата на девет насилници кои на 27 април упаднаа во Собранието. Сите добија условни казни. Меѓу нив има луѓе со најразлични занимања и профили. Само еден е со досие, пишува Дојче веле.

Условни затворски казни за деветмина насилници кои на 27 април упаднаа во Собранието и учествуваа во нередите, пресуди денеска Кривичниот суд во Скопје. Повеќето меѓу нив се со високо образование, и сите освен едно лице биле претходно неосудувани. Агенцијата Макфакс меѓу насилниците откри еден болничар, писател, педагог и туризмолог, како и вработени во ЈП Водовод и канализација и во депонијата Дрисла. Еден осуден е пензионер. Првообвинетиот Димче Христовски- Жабата доби највисока условна казна од 1,5 година во случај да го повтори делото во следните пет години. Претставникот на обвинителството тврдеше дека со нивното поведение е загрозен јавниот ред и поредок на државата.

Во пресудата се наведува дека осудените ја турнале заштитната ограда на Собранието и се упатиле кон северниот и јужниот влез. Дел од осудените биле дел и од толпата која во прес-центарот со тупаници и клоци ги удирале пратениците.

Ангеле Зафировски, алијас Бате Геле, на судењето рекол дека е писател. Борис Мутков со прекар Фантом пред судијката се правдал дека не знаел оти тоа што го прави во Собранието е кривично дело.
Судијката Милка Васевска Ангеловска оцени дека пресудата е сразмерна со здравствената и имотната состојба на обвинетите, со претходната неосудуваност, како и со признавањето на вината.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e