Манчевски: Евентуалната одлука на Уставен суд во врска со општините е неуставна

Пратеникот и потпретседател на СДСМ, Дамјан Манчевски по пресконференцијата денеска одговараше на новинарски прашања:

Медиуми: Кога веќе ги спомнавте локалните избори, како ја коментирате последната иницијатива пред Уставен за продолжување на мандатите на градоначалниците?

Манчевски: Апсолутно неуставна. Во Македонија имаме и претходна пракса на каков начин се продолжува мандатот на локалните власти, а тоа било единствено само преку одлука во Собранието на Р.Македонија. Така што единствен начин да излеземе од хаосот којшто ни следи со губењето на мандатот на локалните власти е Собранието, веднаш да избере претседател на Собрание којшто ќе може да ги распише подоцна и локалните избори.

Медиуми: Која е стратегијата на СДСМ за деблокирање на Собранието и кога планирате тоа да го спроведете? Дали имате поддршка од албанските партии? Вашиот коалиционен партнер исто така спомна дека следната недела треба да се очекува исто така избор на претседател на Собранието?

Манчевски: Стратегијата е дека мнозинството во Собранието многу брзо ќе ја преземе одговорноста и за Собранието и за состојбите во државата онака како што е согласно основните принципи на демократијата. Ќе дозволите, времето и тајмингот ќе го зачуваме за себе со цел да избегнеме било каква шанса за било каков конфликт помеѓу граѓаните. Најважно е што и да се случува во оваа земја да немаме конфликт помеѓу ниеден од граѓаните. Ниту еден живот, ниту една гребаница не е вредна за Никола Груевски.

Медиуми: Вчера од „Заедничка Македонија“ испратија барање за нови парламентарни избори. Каков е вашот коментар, на СДСМ во однос на ова барање бидејќи како што спомнаа и колегите веќе некое време, ако не и две недели се највува стратегија за избор на нов претседател на Собрание и нова Влада којашто е во очекување?

Манчевски: Ова барање го оценувам како многу контрадикторно, затоа што, за да може да се распишат нови избори треба да се избере претседател на Собрание. Навистина не знам на каков начин мислат да дојдат до ова.Втората работа е она што цело време го повторуваме, дека не веруваме дека во Македонија нови парламентарни избори ќе донесат решение на оваа криза. Ајде, еве, обратно прашање. Што доколку се повторат резултатите? И истите луѓе, истите бројки, истите партии повторно во оваа ситуација, само неколку месеци подоцна, неколку милиони евра подоцна, и многу, многу дополнителни проблеми на граѓаните подоцна. Апсолутно не е во тоа решението. Мора да се дозволи мирен трансфер на власта. И уште една хипотетичка претпоставка. Што ако и после следните избори на коишто ВМРО-ДПМНЕ ќе има можеби и помалку пратеници, едноставно Ѓорге Иванов реши повторно да не дава мандат? Значи апсолутно, мора да го почитуваме законот, мора да го почитуваме Уставот, мора да ги почитуваме основните принципи на демократијата, кадешто мнозинството на граѓани бира пратеници и мнозинството формира влада.

Медиуми: Како ги коментирате објавените информации во неделникот „Фокус“ за прогласување на вонредна состојба од Иванов?

Манчевски: Ако навистина Иванов има намера тоа да го направи, тоа е уште еден доказ за неговата непресметливост. Ниту граѓаните, ниту пак ние ќе му дозволиме таквиот план да му успее. Во тоа може да биде сигурен.

Медиуми: Можеме ли да очекуваме нов претседател на Собранието следната недела?

Манчевски: Секој ден може да се очекува избор на претседател на Собранието.

Медиуми: Имате ли целосна поддршка од албанските партии?

Манчевски: Апсолутно до сега можам да кажам дека парламентарното мнозинство коешто ги даде своите потписи, апсолутно стојат зад тие потписи и дека координирано ќе настапиме во следниот период, во кое и да биде сценарио за да ја преземеме одговорноста за состојбите во државата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e