Македонија не сака слеано име, Грција бара промена на Уставот

Македонија ја отфрла идејата за слеано и непреведено име, a Грција инсистира на промена на Уставот. Ова се дел од поентите на шефовите на дипломатиите на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас во Скопје.

Има многу аргументи зошто не е добро решението на спорот за името да биде напишано слеано, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров, по средбата со грчкиот колега Никос Коѕијас, кој е во дводневна посета на Македонија. Димитров вели дека би било тешко да му се каже на македонскиот народ дека такво име е прифатливо и оти и во привремената референца – поранешна југословенска Република Македонија, се содржи името на земјата и тоа се преведува на официјалните јазици во ОН.

„Не може да се каже дека сложено име со некаква одредница, која што го содржи зборот Македонија, малку е тешко да се аргументира дека тоа е, ако имаме еден збор. Може ако се каже набрзина може и да се подизгуби, да не звучи како Македонија. Мислам дека тоа е тежок аргумент. И јас можам многу аргументи да најдам да објаснам зошто тоа веројатно не е најдобриот правец“, рече Димитров.

Според него, со филигранска прецизност се работи на овој процес, за да произлезе нешто добро за двете страни. Како што рече, ова е втора вистинска средба за името на која се разговарало за суштинските елементи, а по средбата со Нимиц следната недела, ако има потреба ќе се видат пак.

Двајцата министри се изјаснија дека е потребно решение кое ќе биде достоинствено и чесно за сите и не само што ќе ги решава проблемите од минатото, туку ќе придонесе и за подобра иднина.

Коѕијас вели дека како политичари се должни да ги решаваат проблемите земајќи примери од реалниот живот, а во реалниот живот граѓаните на двете земји имаат добри односи. Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека нацрт- договорите што си ги разменија двете земји се само разјаснување на позициите, а крајниот збор ќе го има медијаторот Метју Нимиц со кого се среќаваат за една недела во Виена.

Во однос на тоа зошто Грција инсистира на промена на Уставот на Македонија, грчкиот министер вели дека на тоа ги натерало искуството од ЕУ, кога се покажало дека одлуките на некои уставни судови биле над европското и меѓународното право.

И ние во Грција правиме разни уставни промени, тоа не е нешто страшно. Законите, уставите, менталитетот со текот на времето се менуваат. Морална промена е таа што ќе ги задоволни двете страни, не зборувам за екстремистите во двете земји, зборувам за тие што размислуваат за една заедничка иднина. Не бараме едната страна да се уништи, а другата да се радува“, вели Коѕијас.

Коѕијас освен со Димитров, се среќава и со претседателот на Собранието Талат Џафери, со премиерот Зоран Заев, и со лидерите на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски.

Додека грчкиот министер е во, како што вели, посета на северна пријателска земја, граѓани протестираат против промена на името и против преговори меѓу двете земји.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e