Локалните избори, СЈО и прислушувањето ги нема на агендата на Уставниот суд до 10 мај

Уставниот суд, првата седница по велигденските празници и по Први мај ја закажа за 10 мај, а на неа, според објавената агенда, судиите ќе расправаат по само две иницијативи.

На дневен ред на седницата ги нема клучните иницијативи, за кои има најголемо интересирање во јавноста, односно оние за Законот за Специјалното јавно обвинителство, за локалните избори и за прислушувањето преку телеком-операторите.

Најсвежи од овие се двете иницијативи поднесени од Министерството за локална самоуправа и од Светскиот македонски конгрес (СМК), со кои се бара укинување на два члена од Законот за локална самоуправа и од Изборниот законик, за да се овозможи градоначалниците и советниците во општините да останат на своите функции до одржувањето на локалните избори.

Инаку, мандатите на градоначалниицте и на општинските совети истекуваат на 14 мај, бидејќи според актуелните законски решенија, нивниот мандат трае четири години, а локалните избори требаше да се одржат во првата половина на мај, т.е. или на 7 или на 14 мај. Во меѓувреме, поради блокадата на Собранието, истекоа сите рокови за распишување на локалните избори.

Според агендата, Уставните судии на 10 мај ќе ги разгледуваат иницијативите за оценка на уставноста и на законитоста на член 368-г од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и на член 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.

Иницијативата за Законот за СЈО повеќе од една и пол година е во фиоките на Уставниот суд и досега ниту еднаш не беше ставена на дневен ред. Законот за СЈО го оспоруваат претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, и Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе.

Онаа, пак, за оценување на уставноста и на законитоста на контроверзниот член 175 од Законот за електронски комуникации, со кој ѝ се овозможува на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) да прислушува преку телеком-операторите, во март годинава беше ставена на дневен ред, но одлучувањето по неа беше одложено за некоја од наредните седници, поради, како што објаснија од судот, обемниот материјал. Инаку, иницијативата е поднесена во 2015 година, односно истата година кога СДСМ почна со објавување на разговори од незаконското следење на комуникациите, т.н. „бомби“.

Мета

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e