Кутиите на Кежаровски и Младенов

Најдобро ќе беше никогаш да не ни се случеше книгата на мојот колега, новинарот Томислав Кежаровски- “Живот во кутија”. Ужасот на затворските денови на еден новинар е ужас низ кој поминуваше Македонија во време на груевизмот. Солзите на еден новинар, политички затвореник, се солзи на демократијата. Неговиот џелат беше и наш- Груевски, оној кого сега таа иста кутија го повикува, го бара, посакува- со гласот на правдата, кој е невозможно да се избегне.

Тешкобно и триумфално во исто време изгледаше промоцијата на оваа книга на Кежаровски, но, да, сите знаеме дека низ сето тоа моравме да поминеме. Тоа е ужасот кој станува неизбежен во режими како оној на груевизмот, посакуван од следбениците, неприфатлив за сите останати.

Заев на промоција на “Живот во кутија”

Присуството на скоро половина Влада на промоцијата (со непотребно доцнење на Заев од повеќе од половина час) е исклучително важно, и тоа не го спомнувам, се разбира, заради создавање на култ на партијата или лидерот, туку заради очекувањата на идните чекори на оваа Влада, кога станува збор за демократизацијата на медиумскиот простор и јавната сфера.

Но, морам да напоменам- моето прво очекување од оваа Влада кога станува збор за медиумската сфера е поддршка и охрабрување на Јавното обвинителство, за повторна истрага за сомнителната сообраќајка и смрт на Никола Младенов. Додека ние очекуваме либерализација на Законот за медиуми, а не негово стегнување и со тоа стеснување на слободата на медиумите, ќе биде невозможно да се започне тој процес, доколку оваа истрага не се отвори паралелно, на инсистирање на новинарската заедница, предводена од ЗНМ.

Слика преземена од “Окно”

Конечно, еден од обидите за реконструкција на сообраќајната несреќа на Младенов беше една од прес-конференциите на Заев, која отвори многу тешки, неодговорени прашања, но тој процес на отворање на вистината тука запре.

Местото на сообраќајката на Младенов

Без таа вистина за Никола Младенов, кој е еден од основоположниците на оваа млада држава, таа ќе продолжи да остане кревка, и тоа со нашето инсистирање да ја продолжиме традицијата на трагична историја, со ниту една шанса за ослободување и отворање на запечатената кутија.

Без вистината за Младенов, ние ќе го продолжиме сопствениот век во таа кутија, а вината што ќе останеме затворени во неа ќе биде само наша, никако поинаку.

Извор: Нова ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e