Коѕијас: Ќе ја прашаме невестата дали сака да го земе и презимето на сопругот

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас е уверен дека до јуни ќе се реши прашањето за името. Тој во интервју за новинската агенција Ројтерс оценува дека тоа е во интерес и на Грција и на регионот.

Министерот Коѕијас исто така повторува дека спогодбата што Грција ќе и ја достави на Македонија нема да биде текст што ќе ги содржи само грчките ставови, ниту пак завршен договор, туку ќе биде основа врз која ќе може да започне соработка.

„Некој мора да ги реши овие прашања. Во животот Александар Велики докажа дека треба да ги сечеме Гордиевите јазли. Во одреден момент треба да завршиме со тоа“, вели тој.

Во врска со тоа што грчката Влада не успеа да формира широка политичка поддршка за преговорите, Никос Коѕијас вели:

„Да ви кажам еден парадокс, да речеме дека денес не постигнуваме договор, какво име ќе остане? На меѓународно ниво, ќе останеме со обична Македонија, па ние нема да добиеме. И во нашите односи ќе биде оставена со поранешна југословенска Република Македонија“, вели тој.

Коѕијас додава дека лингвистичката акробација е залажување, затоа што граматички, името ќе го вклучува терминот Македонија, но со хронолошка дефиниција.

„Ние нема да ја крстиме оваа земја. Оваа земја го содржи името Македонија и всушност за 140 земји е без непријателски склоности. Она што го правиме денес е како свадба. Тоа е како жена која на нејзината свадба се прашува дали, освен своето презиме, исто така ќе го прифати и презимето на нејзиниот сопруг“, вели тој.

Во однос на протестите во Грција, Коѕијас вели дека тие се знак на демократија:

„Верувам дека има луѓе во двете земји кои не се согласуваат со добар компромис. Овие луѓе немаат лоша намера, туку едноставно се луѓе кои го гледаат проблемот од друг агол, без да ги земат предвид историската позадина или идни можности за соработка. И тие се загрижени“, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за агенцијата Ројтерс.

РСЕ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e