Ќосето дислоциран, Мицкоски демаскиран

Реакцијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по отстранувањето на споменикот на Ќосето, откри многу повеќе отколку сите најави за наводни промени во партијата. Аналитичарите велат дека минатото повторно е ставено пред иднината.

Отстранувањето на споменикот на контраверзниот Андон Лазов Јанев-Ќосето, колку што ги вжешти обвинувањета на релација власт-опозиција, толку покажа дека во голем дел од општеството постои огромно незнаење за улогата на некои „историски личности“, и за штетните пораки што се испратија со нивно оспоменичување. Но, она што предизвика најголемо изненадување, е реакцијата на универзитетскиот професор и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој застана во одбрана на споменикот на „Касапот“, (второто име на Ќосето), бранејќи го синонимот на злокобното семе на „прекиот суд“ и физичките елиминации во еден тежок период од македонската историја.

Отстранувањето на споменикот тој го сведе на политичка омраза затоа што бил подигнат од претходната власт, но отиде и чекор понатаму.

„Рушењето на споменици, секако не е активност со која се занимава една просперитетна влада чии погледи се кон иднината. Тоа е чин кој го практикуваат ретроградни сили, како ИСИС во Сирија и талибанците во Авганистан. Не смееме да станеме држава која се срами и ги нагрдува своите херои. Јас одбивам да ги споделувам таквите вредности. Едно е сигурно, ќе дојде ден овој споменик да биде поставен на местото на кое што заслужува, а ќе дојде ден и кога оние кои ова го прават ќе се срамат за своите постапки“, изјави Мицкоски.

Sockel für ein Denkmal in Skopje, Republik Mazedonien (Petr Stojanovski)

Од СДСМ одговорија дека е завршено времето на своеволно и незаконско поставување на споменици, коишто служат за создавање поделби меѓу граѓаните.

„Сосема непринципелно и несоодветно е споменик на контроверзна историска личност, позната по својата суровост, да биде поставена пред зградите на највисоките судски органи во коишто граѓаните ја бараат правдата и ги остваруваат своите граѓански права“, порачаа социјалдемократите.

Симбол на инспирацијата за 27-ми април

Во опозициските кругови и медиуми, отстранувањето на споменикот го следат жестоки критики кон СДСМ, со обвинувања дека ваквите потези водат кон „уништување на македонскиот национален дух“. За такви ги сметаат и преименувањата на аеродромот и автопатот, како и последиците од „Тиранската платформа“, односно законот за употреба на јазиците.

Овие „аналогии“ наидуваат на критики кај дел од аналитичарите. Професорот Ѓорѓи Спасов вели дека споменикот на Ќосето со нож во раката, не беше споменик на јунак од времето на нацоналното ослободување кој убивал непријатели на револуцијата, туку за најголемиот број граѓани станал симбол на самоволието на Груевски, на криминалот затскриен зад бројните споменици, и на владеењето со страв, закани и одмазда.

„Тој беше симбол на неправдата пред палатата на правдата. И затоа тој споменик требаше да биде отстранет, дури и ако не бил дивоградба. Застанувањето на Мицковски во одбрана на тој споменик и таа политика на Груевски е разочарувачко. Заканите дека споменикот ќе бил одново поставен кога тој ќе се врател на власт, разоткрива дека новиот лидер на ВМРО ДПМНЕ живее во истата ментална матрица како и Груевски. А тврдењето дека само ИСИС, Талибанците и СДСМ уриваат ‘вредни’ историски споменици, ја покажува неговата неспособност да разликува вредни архитектонски градби од кич-споменици кои биле поставени заради политичка инструментализација на историјата, но и како закана од платени убици кон сите кои се соменеваат во вистината на големите ‘патриоти’ кои 11 години беа на власт“, вели Спасов.

Таа ли политика ја подржува Мицкоски – прашува професорот.

„Зарем Мицкоски не го слушнал Груевски кога изјавуваше дека ‘да бше денес жив Ќосето, тој би знаел да се справи со такви како Заев’. Таа политика доведе до крвавиот четврток на 27-ми април и поддршката на таа поразена политика говори многу повеќе за него, од сите ветувања дека нешто ќе менувал во партијата по смената на Груевски“, оценува Спасов.

Минатото пред иднината

Како што најавија градските власти, на местото на некогашниот споменик ќе биде засадено дрво посветено на човековите права, со плочка на која ќе биде изгравиран членот 10 од Декларацијата за човекови права на ОН: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“.

Ваквите најави не ги намалија ламентациите по Ќосето.

„Како и секаде во балканските земји, историјата е позначајна од сегашноста или иднината“, констатира аналитичарот Џелал Незири.

„Ако Воинот на коњ е симбол на еден погрешен процес на антиквизација, споменикот на Ќосето пред зградата на судот беше сфатен како порака за партиска послушност на судиите кон политичките елити. Заради ова и потребата судството конечно да се ослободи од политичката контрола, неговото преместување требаше да биде симболичен чин на посветеноста на политичките фактори за независно судство. Но, како и секаде во балканските земји, историјата е позначајна од сегашноста или иднината. За јавноста не се толку приоритетни за дебата лошите економски бројки, лошиот животен стандард, руинираните училишта и болници или скандалот со злоставување на малолетници, кој поминува без потребата реакција. И чудно е толкаво внимание да се посвети на небитни прашања за животот на граѓаните, кога земјата се соочува со најсериозниот предизвик од осамостојувањето – решавање на проблемот со името и деблокирање на евроатлантските интеграции“, потенцира Незири.

Според него, сериозните партии и лидери треба да креираат јавна агенда која е во интерес на перспективата на граѓаните, а не да бидат фокусирани во одредени историски моменти и фигури кои носат само поделби.

Извор: Дојче Веле

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e