Јовановиќ: Со ребалансот порачавме дека ќе кратиме на „чоколадо” а ќе трошиме за „леб”!

„Со оглед на многуте дезинформации кои се пласираат деновиве на темата, морам уште еднаш да го искоментирам јавниот долг“, пишува професорот Бранимир Јовановиќ, експерт во Министерството за финансии. „Откако ние влеговме во Министерството за финансии, се задолживме седум пати на домашниот пазар, во вкупен износ од околу 145 милиони евра. Истовремено, се раздолживме околу 95 милиони евра на домашниот пазар и 75 милиони евра во странство (кредитот од Дојче Банк). Тоа значи дека вкупно сме се раздолжиле за околу 25 милиони евра!“

„Еднакво важно како движењето на долгот е и неговата цена, односно каматната стапка, а стапките по кои ние се задолжуваме се многу пониски од стапките на долгот кој го враќаме. Така, просечната стапка по која ние се задолжувавме е околу 2.5%, додека каматната стапка на долгот кон Дојче Банк кој го вративме беше 6.5%.

Најважно од сè, сепак, е на што ќе се трошат овие пари, а тука ја направивме и најголемата промена. Со ребалансот на Буџетот пративме јасна порака дека ќе кратиме на ‘чоколадо’, а ќе трошиме за ‘леб’. Скративме трошоци за „Скопје 2014“, за репрезентација, за патувања, за коли, а предвидовме средства за зголемување на минималната плата, за решавање на проблемот на стечајците, за подобро здравство, за вработување на младите…

Законите за минималната плата и за стечајците до денеска (ФБ статусот е од 16 август – н.з.) беа заглавени во Собранието, заради блокадата, но да се надеваме дека по денешното повлекување на опозицијата од расправата за Зврлевски, конечно ќе може да се донесат. Стечајците и работниците не смеат да бидат ничии заложници и крајно време е во Македонија да почнат да се водат економски политики од кои корист ќе имаат и обичните луѓе“, пишува д-р Јовановиќ, во демантот на спиновите на опозицијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e