Итно да им се помогне на бездомниците, бараат граѓаните

Овие денови, кога температурите во Македонија достигнуваат и до -28 степени Целзиусови, на удар особено се бездомниците кои тешко ги издржуваат поларните температури. Досега, студот и екстремно ниските температури одземаа три животи во Скопје, Струмица и Пехчево. Надлежните чекаат избор на нова влада…

И додека пунктот за бездомници на Црвениот крст работи деноноќно, а граѓанските организации и граѓан(к)ите самоиницијативно се организираат, ниту Министерството за труд, ниту Центарот за управување со кризи, се уште не преземале ниту еден чекор за справување со дополнителните проблеми од невремето и помош на оваа категорија граѓани.

Од Црвениот крст на град Скопје велат дека дневно примаат по десетина пријави на граѓани. Дел од нив се сместени во просториите на прифатниот центар во Момин Поток, а на дел од нив, бидејќи одбиле да бидат сместени таму, им се однесени ќебиња, храна и топла облека.

Граѓаните реагираат и на социјалните мрежи, повикувајќи ги државните институции да излезат на терен и да им помогнат на овие луѓе.

„Ако можеа да се отворат просториите на Клиничкиот центар во Скопје за протестирачите пред ДИК зошто не се отворат истите за бездомниците кои умираат замрзнати на поларно ниските температури?! Ако можеше за протестирачите (кои не знаеа за што протестираат, ама се таму за секој случај, т.е. да вршат притисок врз работата на легалните државни институции) експресно брзо да се организира дотур на дрва и буриња, зошто такви точки за загревање на бездомниците не се организираат низ градот? Социјалните работници сигурно имаат евиденција каде се тие луѓе!
МПЦ, храмовите за што ви служат? За собирање на пари или за народот кој умира на улиците? Зошто не ги отворите портите и не ги згрижите луѓето?! Валкани се? Па, ете, уште една активност. Искапете ги. Исус понизно им ги миеше нозете… Центарот за управување со кризи и надлежните во синџирот за покренување на законски механизми за кризни состојби, ако за воздухот нема законска регулатива, за ова има. Што се чека?“ пишува еден загрижен граѓанин од Скопје на Фејсбук.

Покрај пунктот на Црвениот крст во Момин Поток, прифатен центар отвори и Општина Центар, во просториите на ЈП Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ) што кој ќе работи секој ден, од 16 часот попладне до 10 часот наутро.

Социјалниот центар „Дуња“ на својата Фејсбук страница објави отворен апел за помош и вдомување на бездомници, истовремено нудејќи сместување за луѓето кои немаат каде да се засолнат од поларните температури.

„Ние во СЦ Дуња имаме простор каде можеме да помогнеме да сместиме некој кај нас поради ниските температури. Локацијата е ‘Рајко Жинзифов’ бр 22 (спроти Градежен факултет). Потребно е да споделите и да доведете бездомници на таа адреса, како и донации со ќебиња, храна, греалки, вода, перници, парични донации“, пишуваат волонтерите во апелот.

И додека сите овие центри се сконцентрирани во Скопје, се поставува прашањето што се случува со бездомниците ширум земјата, особено затоа што два од трите смртни случаи се од внатрешноста.

Пишува Маја Ивановска за ЦИВИЛ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e