Груевски наскоро на обвинителна клупа за случајот “ТНТ”

Поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и доскорешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски ќе седнат на обвинителна клупа за да одговараат дали уривањето на комплексот „Космос“ кој го градеше Фиат Цаноски е легално или е спроведено поради политички реваншизам, пренесува телевизија 24.

Судијките Лидија Петровска, Ленка Давиткова и Верка Петковска од Советот за оценка на обвинителниот акт дале зелено светло обвинението „ТНТ“ на СЈО да влезе во судница. Во предметот се обвинети уште четири вработени во општината.

„И покрај тоа што инвеститорот доставил стручно мислење, каде било наведено дека донесените одлуки се незаконски, тоа било игнорирано и се продолжило со уривањето, со менување на начинот на уривање од класичен со комбиниран метод со експлозив кое се реализирало на 15 август и со целосното уривање на објектот обвинетите Груевски, Јанакиески, Трајковски и Најдовска му нанеле штета од големи размери на оштетениот-инвеститорот, а во вкупен износ од 16 милиони евра која штета се состои од вредноста на изградениот дел од објектот Космос“, се наведува во обвинението.

Токму за уривањето со експлозив на Космос се слуша и во прислушуваните разговори кои беа јавно објавени. Кривичен ги одби, но Апелација пресече дека 26-те бомби можат да бидат доказ на суд.

„бомба“ Миле Јанакиески и Никола Груевски:

„НГ: Аха. Јас мислам да не, ако е онеспособена како шо кажуваш, да не продужуваме, нека си ја доруши он.
МЈ: Скроз, значи во воздух летаа, ја не знам како се држи.
НГ: Аха.
МЈ: Најверојатно во средината, сега зборев со овој професорот. Има, многу ме изнервира денеска, ми се крена притисокот. Лифт има и полн е со бетон лифтот и вика тоа ја држи, и второ вика, оти правена е самата зграда за 16 спрата, вика многу бетон има турено во првите три спрата, а само 5 се изградени и му било страв да стават повеќе динамит, вика, можеше да настане компресија и да уништиме куќи. Тогаш ќе направевме контра ефект“, се наведува во бомбата.

Обвинението за „ТНТ“ треба да биде распоредено кај судија кој треба да закаже термин за почеток на судењето. До сега кривичниот суд позитивно оцени седум обвиненија. Рочишта се одржаа за предметите „Труст“ и „Триста“, а наскоро во судница треба да влезе и обвинението „Тотал“ во кое опфатен е новинарот Драган Павловиќ Латас.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e