Градоначалникот на Кавадарци, Панов доби затворска казна!

Шеесет дена затворска казна и парична казна од 25.000 денари заработи градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, откако денес во Основен суд Кавадарци беше прогласен за виновен во процесот за изборен поткуп.

Дознаваме дека за ниската казна пресуден бил фактот што Панов досега не бил осудуван, а и се работело за мала сума на пари спомната во поткупот, односно за 1.000 денари кои тој му ги дал на лицето Сали Мемедов, за да гласа за ВМРО ДПМНЕ два дена пред парламентарните избори во 2016 година.

Градоначалникот Панов, видно револтиран, ни посочи дека тој не ја признава пресудата и дека не се чувствува виновен.

,,Каква пресуда, па ова не е пресуда, јас не ја признавам! Ова е политичка хајка против мене. Очекував ваква пресуда, со оглед на тоа што помеѓу мене и судијата Др. Лазар Нанов одамна владее нетрпение. Ние сме од Кавадарци, се познаваме уште од времето на Фудбалската Федерација. Згрешив многу што не барав негово изземање, сега дефинитивно ќе се жалам на оваа неправедна пресуда’’ – ни изјави во телефонски разговор градоначалникот, додадавјќи дека според него, ова е местенка со цел тој да не може да се кандидира на локалните избори.

Сведокот, пак, на судското рочиште го тврдеше спротивното.

,,Градоначалникот ми даде пари да гласам за ВМРО-ДПМНЕ. Јас не сум од ниедна политичка партија. Ми рекоа да се потпишам на едно обично ливче’’ – изјави на рочиштето пред  два дена сведокот Мемедов.

Освен него, на денот кога се случил поткупот била забележана поголема група на Роми, кои влегувале и излегувале во општинската зграда, велејќи дека внатре кај градоначалникот се даваат пари, по што случајот бил пријавен во полиција.

Иако градоначалникот е осуден на шеесет дена затвор, сепак тоа не значи дека тој ќе заврши зад решетки. Сега ја има можноста првостепената пресуда, која не е правосилна, да ја обжали на Аплелација, по што од нивната одлука ќе зависи дали градоначалникот ќе влезе во ќелија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e