Горан Грујевски со фалсификуван пасош на име на поранешен бугарски пратеник

Називот под кој македонскиот јазик е заведен во Грција е „скопјана“. На тој јазик, двајцата бегалци Горан Грујевски и Никола Бошкоски бараат превод, бидејќи во кривична постапка судот мора да обезбеди превод и обвинетите да разберат за што се обвинети. Во вторникот немаше таков преведувач во судница, иако упатените кои се преведувачи и адвокати во Солун тврдат дека во судот мора да има листа на овластени судски преведувачи, објави Телма.

Соговорничката на телевизијата тврди дека и таа преведувала за македонски државјани во судот во Солун, но во граѓански парници и наплаќала по 50 евра од парница. Судот пак мора да обезбеди и да го плати преведувачот, а потоа осудените на име судски трошоци ги плаќаат тие сметки. Но, како што објави Фокус повикувајќи се на разговор со бугарска преведувачка – проблемот бил што судот не им ги исплаќал трошоците на преведувачите. Кој е на листата преведувачи од македонски на грчки во солунскиот суд – нема податоци, но на грчкиот директориум на преведувачи стојат само две имиња за Солун.

Јазикот е заведен како Фиром, а него може да го преведуваат со лиценца, Дагиос Ставрос и Торникидис Георгиос. Во македонскиот конзулат во Солун имаат листа од 6-мина преведувачи, меѓу нив има и Грци и Срби. Но, ниту во дипломатијата не знаат дали преведувачите од листата се исти со овластените судски преведувачи поради чие отсуство двапати беше одложено рочиштето на Грујевски и Бошкоски. Тие се обвинети за поседување лажни бугарски пасоши. Едниот (постариот Горан Грујевски ) се викал Христо Атанасов. Најпознатите Бугари со тоа име се еден сопственик на интернет телевизија и поранешен пратеник во бугарскиот парламент, тој е на слична возраст и на сличен лик со Грујевски. Вториот Христо е од Бургас и е претседател на „Организация за закрила на българските граждани“, патриотска национална организација. Помлад е од екс началникот на 5-тата управа, но со наочари му сличи. Дали тоа бил изборот на Грујевски или едноставно лажниот идентитет се совпаднал со лицата ќе се знае кога преведувач ќе дојде во судот во Солун. Нема информации за Бугарин со име Неџми Хасан на интернет, а тоа е лажниот идентите на Никола Бошкоски.

Бугарските фалсификувани пасоши не се новост. Бордо на боја, со ознака Европска Унија е добар за патување низ Европа. Но, често се наоѓаат лажни пасоши, лани во Кипар беше најден 22-годишне Турчин со фалсификуван бугарски пасош, а британските медиуми пред две години објавуваа дека бегалци од војната па дури и потенцијални терористи на ИСИС со фалц пасоши на Бугарија пристигаат на запад.

И кај нас ги има, но се произведуваат со слаб квалитет. Најпознатиот фалсификуван пасош со бугарски грб на него беше спомнуван во истрагата за Чауш. Повеќе медиуми повикувајќи се на извори од истрагата пред две години објавуваа дека кај Чауш е најден и готов бугарски пасош со име на македонски функционер. Тој пасош требало да послужи за да му го наруши угледот на функционерот за време на избори, тврдеа полициски извори. Но, на суд Чауш не беше осуден за лажен бугарски пасош туку за други фалсификати на документи за кои тврдеше дека му се подметнати како докази.

Најголемата афера со пасоши изби претходната година, кога Фокус објави видео дека низ стан се гледа цел куп на лажн македонски пасоши и опрема за изработка.

Истрагата МВР ја заврши без откритие кој стои зад производството и за кои цели, туку само соопшти дека не се најдени информации дека тие лажни документи се користени. Потоа кога Спасовски стана за првпат технички министер за внатрешни, Чавков како дополнителен заменик и бирото за јавна безбедност направија акција која требаше да ги поврзе двата случаи.

Приказната беше дека лажните документи се произведувани за да и се наштети на тогашната власт. На крај на суд, немаше пресуда која констатира таква врска меѓу фабриката на Фокус и фабриката за афери како што ја нарече поранешниот директор на бирото Митко Чавков. Од втората афера со Чауш остана да виси и лажниот бугарски пасош. Каде е тој пасош и на чие име гласел, не беше објавено. Ниту МВР не ни одговори колку лажни бугарски пасоши се откриени во државата и што е направено со нив, дали се уништени или пак се уште се чуваат како докази. Или некој ги користи за трети цели.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e