Фирма на чичкото на Миле Јанакиески со години цица милиони од општинската каса

Вредноста на договорот за сезоната 2017-2018 година изнесува 15.244.200 денари, односно 17.988.156 денари со вклучен ДДВ и тоа е највисоката сума која прилепската локална самоуправа некогаш ја исплатила за оваа намена, објавува Слободен печат.

Друштвото за производство и трговија „Пела Транс“ ДООЕЛ, с. Мажучиште, е фирмата која 13 години се грижи за одржување на прилепските улици во зимскиот период. „Пела Транс“ е фирмата која од 2005 година, кога екс-градоначалникот Марјан Ристески го освои првиот мандат, па до денес, победила на сите огласи кои општината ги распишала за зимско одржување на улици и патишта во ЕЛС-Прилеп.

Вредноста на договорот за сезоната 2017-2018 година изнесува 15.244.200 денари, односно 17.988.156 денари со вклучен ДДВ и тоа е највисоката сума која прилепската локална самоуправа некогаш ја исплатила за оваа намена. Изминатите неколку години висината на средствата кои Општина Прилеп ѝ ги исплаќаше на „Пела Транс“ изнесуваше точно 14 милиони денари, што е за 4 милиони денари помалку од годинешниот договор.

Меѓутоа, тоа не е и единствената причина поради која потпишаниот договор помеѓу прилепскиот екс-градоначалник и управителот на „Пела Транс“ го привлекува вниманието. Она што е особено интересно е дека договорот помеѓу Општина Прилеп и „Пела Транс“ е потпишан на 16.10.2017 година, еден ден после локалните избори на кои ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот градоначалник и кандидат за нов мандат, Марјан Ристески, после 12 години ја загубија власта. Иако во функција на поголема транспарентност и подигање на отчетноста на јавните набавки, договорниот орган, во случајов Општина Прилеп, во системот за јавни набавки требало да го објави склучениот договор со фирмата изведувач на работите, тоа не било направено.

Сопственикот на „Пела Транс“ – чичко на Миле Јанакиески

Дека „Пела Транс“ не била милениче само на доскорешниот прилепски градоначалник, зборува фактот дека, на пример, во 2015 година оваа фирма добила 7 договори за јавни набавки во општините Прилеп, Македонски Брод и Долнени. Вкупната вредност на добиените бизниси изнесувала 72.091.536 денари, или 1.172.220 евра.

Како една, до скоро, прилично анонимна фирма успеала подолго од една деценија да се одржува на пазарот и од година во година да ги проширува бизнисите, е прашање чиј одговор треба да го дадат одредени државни институции. Основач, сопственик и управител на „Пела Транс“ ДООЕЛ с. Мажучиште, Прилеп, е Мире Синадиноски, чичко на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Синадиноски истовремено е и концесионер на рудникот „Драгов дол“, кој се наоѓа во Македонски Брод. Оваа информација е индиректно поврзана со огласот за доделување договор за зимско одржување на улици и патишта во Прилеп, од причина што во техничките спецификации на огласот се предвидува набавка на песок, односно ризла доломит со гранулација од 4 до 8 милиметри, што во извесна смисла ја фаворизира „Пела Транс“ во однос на останатите потенцијални учесници на тендерот.
Познавачите велат дека проблемот со употребата на ваквиот песок е што создава прашина и кал, која после миењето на улиците оди во атмосферската канализација, при што доаѓа до нејзино затнување. Тоа е основната причина поради која во зимското одржување на улиците, последниве години сѐ поширока примена наоѓаат гранитните гранулации.

МВР поднесе кривична пријава против „Пела Транс“

Подолг временски период работата на „Пела Транс“ е предмет на интерес на Министерството за внатрешни работи. Како последица на тоа, за направени злоупотреби на службената положба и овластување и непочитување на одредбите од Кривичниот закон, Законот за јавни набавки и Законот за експлоатација на минералните суровини, минатата година, надворешната канцеларија за криминалистички работи Македонски Брод, поднесе повеќе кривични пријави против поранешниот градоначалник на општината, Милосим Војнески. Една од нив се однесува и на управителот на „Пела Транс“, Мире Синадиноски, заради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство“, „соизвршителство“ и „помагање при незаконска експлоатација на минерални суровини“, како и употреба на исправа со невистинита содржина“.

Во случајот, покрај управителот на „Пела Транс“ и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, осомничени се и две други лица кои МВР ги сомничи дека го оштетиле општинскиот буџет за вкупна сума од 14.281.332 денари. Според одредени непотврдени информации, МВР под лупа ќе ги стави и последните неколку договори за јавна набавка за зимско одржување на улици и патишта кои оваа фирма ги склучила со Општина Прилеп.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e