ДПМНЕ и ДУИ со различни ставови по прашањето за „десоросоизација“

ДУИ не е на сосема иста линија со досегашниот владин партнер ВМРО-ДПМНЕ по прашањето за „десоросоизација“ на Македонија. Додека од ВМРО најавуваат дека почнала ваквата епоха, од ДУИ велат дека имаат добра соработка со невладиниот сектор и Фондацијата „Отворено општество“. Не споменувајќи го директно ВМРО, од ДУИ велат дека државните органи треба да се занимаваат со можните сомнежи од аспект на финансирањето на невладините организации, а не со нивната дејност.

ДУИ:
„НВО треба да имаат можност слободно да работат. Истото се однесува и на Фондацијата Отворено општество (Сорос). Државните органи треба и ќе реагираат само доколку постојат сомневања околу изворите на финансирање или доколку нивната дејност е спротивна на законот. ДУИ ќе продолжи да има коректна соработка со НВО-ата во земјава.“

Прашани кој би бил нивниот став доколку ВМРО-ДПМНЕ на преговарачката маса бара да се преземат заеднички конкретни мерки при „десоросоизацијата“ на Македонија, од ДУИ велат:

ДУИ:
„Немаме информации која невладина организација или кој медиум со кого е и од кого е финансиран.“

Пред неколку дена, ВМРО-ДПМНЕ со остар речник им објави отворена војна на некои од медиумите и на невладините организации кои според нив, се финансирани од Сорос и за кои се вели дека имаат цел да ја дестабилизираат земјава. За тоа, од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат и опозициската СДСМ.

Ваквиот речник на ВМРО можеше да се забележи и за време на изборната кампања. За секоја досегашна активност против Владата, ВМРО и лидерот на оваа партија, Никола Груевски, вината им се препишуваше на Џорџ Сорос и некои странски служби. Пред неколку месеци цел на инспекторите на УЈП и дел од агендата за „десоросоизација“ на Македонија беа десетици невладини организации и институти.

Алсат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e