Беса и Алијансата за Албанците се подготвени да го поддржат Заев во создавањето нова влада

Потпретседателот на Движењето Беса, Зеќирија Ибрахими изјави дека неговата партија е подготвена да гласа во Собранието за новата влада доколку Претседателот му го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Ибрахими вели дека партијата која ја застапува сака од политичката сцена да заминат Никола Груевски и неговата партија, за чие раководство тој вели дека е инкриминирано и води антиалбански политики.

„Ние не криеме дека доколку е во интерес заминувањето на ВМРО и на ова нејзино раководство од политичката сцена на Македонија, можеме да разговараме со Заев за парламентарно мнозинство“. – изјавува Зеќирија Ибраими, потпретседател на Движењето Беса

Сепак, и покрај изразената подготвеност за соработка со Заев, од Движењето Беса велат дека за модалитетите ќе разговараат откако лидерот на социјалдемократите ќе го добие мандатот. Во однос на соработката со ДР ДПА, Ибраими вели дека Села првин треба да се извини за изјавите против Движењето Беса.

„За модалитетите на нашето учество во ова парламентарно мнозинство и потоа во извршната власта ќе се зборува откако Заев ќе го добие мандатот. Сметам дека е се уште рано поради фактот дека во јавноста постои голема скептицизам за тоа дали мандатот ќе му биде доделен на Заев. Доколку тој го добие мандатот тогаш ќе зборуваме за можностите за соработка со него“. – додава Ибраими

И од партијата ДР-ДПА изразија готовност за соработка со Заев доколку добие мандат за формирање влада. Зиадин Села вели дека Заев, не треба да бара мандат преку прес-конференции туку треба да започне конкретни преговори со албанските политички субјекти.

„СДСМ не треба преку прес-конференции да бара некој да му го подари мандатот. Доколку сака да формира Влада и ги има бројките, СДСМ ќе треба да почне преговори со албанските политички субјекти. Сакал или нејќел јас, за жал, напрво со ДУИ затоа што тие ги имаат бројките, без нивните бројки не може да се прави никаква комбинација за влада”. – изјавува Зиадин Села, претседател на ДР-ДПА

Села во емисијата “200” кажа дека е против нови избори и се заложи за официјализирање на албанскиот јазик на целата територија на Македонија.

„Не. За мене би било прифатливо по 25 години парламентарна демократија, многупартиски систем, по овие избори да успееме да го официјализираме албанскиот јазик и потоа кога сакаме да одиме на избори“. – додава Села

Села изјави дека СДСМ треба да прифати дека по формирањето на владата ќе го поддржи Законот за употреба на албанскиот јазик на целата територија на Македонија.

Алсат-М

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e