Анализа: Македонија заглавена во преговорите за нова влада!

На 29-ти јануари истекува последниот рок за мандатарот Никола Груевски, кој како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, треба да формира влада, со ДУИ или со други партии од албанскиот етникум во Македонија. Но, состојбата е многу сложена. Релацијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е тензична. Платформата  усвоена од ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците е неприфатлива за ВМРО-ДПМНЕ и по цена да не формираат влада. ВМРО-ДПМНЕ излезе со дециден став дека нема да дозволи двојазичност во државата, ниту исполнување на другите точки од Платформата, а ДУИ категорично остана на ставот дека не отстапува од имплементацијата на Платформата. Според централното партиско раководство, во игра се сите опции, дури и ДУИ да биде во опозиција.Експертите прогнозираат дека СДСМ станува релевантен фактор на македонската политичка сцена, зашто, според нив, преговорите на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ нема да успеат, па СДСМ ќе ја има одговорноста за формирање нова влада.

Додека во политичкиот врв во државата се прават калкулации, граѓаните се соочуваат со приземни проблеми, како последица на отсуството на одговорност на државните институции. Две деца починаа од грип, 11 села се отсечени, други населени места немаат вода, Клиниката за онкологија во Скопје е без покрив, зашто градежните активности не завршиле со почетокот на поларната зима, Гинекологија во Штип слави православна Нова година со колачи во форма на женски полови органи, прокисна покривот на Велешкиот театар, изграден пред две години со 12 милиони евра …

Платформата на ДУИ, Беса и Алијансата на Албанците ја разбранува јавноста

Платформата на партиите на етничките Албанци во Македонија е декларација од која, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците, не отстапуваат во преговорите со мандатарот за составување на нова влада.

Додека ВМРО-ДПМНЕ е категорична во ставот дека нема да прифати двојазичност во целата држава, од СДСМ и осум дена по усвојувањето на документот не излегле со официјален став во јавноста. Платформата според Демократскиот сојуз, отвора многу дилеми и ќе создаде внатрешна нестабилност, која ќе има долгорочни последици врз меѓуетничките односи, демократските процеси и економскиот развој.

Шеесетина албански интелектуалци апелираа во процесот на водење преговори со партиите што го добиваат мандатот да се има предвид дека ВМРО-ДПМНЕ сé уште ја водат „луѓе кои имаат одговорност за катастрофалната состојба во секој сегмент од општествено-политичкиот живот и како такви, тие не уживаат кредибилитет за да ја водат државата и понатаму!“ Потписниците повикуваат евентуален договор да се прави, „не со задни намери – со цел зачувување на постојниот режим и на групните интереси, туку со рационален пристап за да се се ориентира државата кон демократизацијата, општиот развој, отворањето перспективи, остварувањето на етничката рамноправност и благосостојба, како и интегрирањето на Република Македонија во НАТО и ЕУ“.

Договорањето на точките на Платформата во Тирана и Приштина, од ВМРО-ДПМНЕ и од дел од македонската јавност беше оценето како директно мешање на Албанија и Косово во внатрешно-политичките случувања во Македонија. За албанскиот амбасадор во Македонија, Фатос Река, средбите кај албанскиот премиер Еди Рама ја одразуваат само грижата на Албанија за Албанците во странство.

Според универзитетскиот професор, Рамадан Рамадани, албанскиот премиер, не е само премиер на Република Албанија, „туку е на некој начин и албански премиер. И таа дистинкција е многу важна, посебно кај Албанците во Албанија и во Македонија!“

За д-р Сашо Орданоски таа средба „не е добар чин, но мора да се разбере како една практичност“, поточно постизборна ситуација, иницирана од мегународната заедница.

Функционери на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму се и министри и пратеници 

Македонската јавност реагира, а правните експерти посочуваат и ја повикуваат опозиционата СДСМ, да го крене гласот, затоа што функционери од ВМРО-ДПМНЕ, спротивно на законот, извршуваат по две влијателни политички функции.

Според професорката д-р Мирјана Најческа, оставки мора да поднесат Емил Димитриев, кој незаконски е премиер и пратеник, но и Никола Попоски, незаконски е и министер за надворешни работи и пратеник, Никола Тодоров, незаконски е и министер за здравство и пратеник и Елизабета Камчевска Милевска, незаконски е и министер за култура и пратеник.

И универзитетскиот професор Борче Давитковски посочи дека новоизбраните пратеници треба итно да ги напуштат министерските и премиерската функција.

Специјалното јавно обвинителство продолжува со работа

Додека ВМРО-ДПМНЕ се обидува по секоја цена, да го тргне од политичката агенда Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и да ги стави ад акта сите кривични дела, кои произлегоа или ќе произлезат од аферата „Прислушување“, СЈО продолжува со работа. Во рамките на предистражна постапка, според сите законски прописи, одзеде документи од Државниот архив за проектот „Скопје 2014“.

СЈО претходно отвори истражна постапка за „Скопје 2014“, случајот „Тендери“ во кој првоосомничена е министерката Канческа Милевска, поради постоење на основано сомнение дека ја злоупотребила службената положба при склучување на договор за изведување на градежни работи на Музејот на ВМРО.

СЈО доби, но не го соопштува одговорот од Управата за безбедност и контраразузнавање, дали може да ги користи класифицираните докази во судската постапка за случајот „Тврдина 2“. Ќе остават судијата Лидија Петровска, која го води процесот, да одлучи дали во постапката ќе ги искористи доказите, кои се државна тајна. Следното рочиште е закажано за во вторник. Во предметот „Тврдина 2“ првоосомничен е поранешниот началник во Петтата управа, Горан Грујевски и шест службеници од Управата кои се товарат дека уништиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесуваат на системите за следење на комуникациите.

Меѓународната заедница порачува „целите на граѓаните да бидат во фокус“

Политичарите да се фокусираат на целите на граѓаните. Политичките партии да преговараат, да најдат начин да формираат коалициона влада. Политичките лидери да работат што е можно побрзо и поефикасно и да постигнат договор, за да не се пролонгира процесот. Ова се пораките на заменик-помошникот државен секретар во Стејт департментот, Хојт Ји.

Почитувајќи го суверенитетот на Македонија, САД сметаат дека партиите имаат можност да ја донесат, таа одлука без мешање однадвор. Порачуваат – новата влада да ги поддржува меѓународните определби, вклучувајќи ги и одредбите од Договорот од Пржино, партиите да стават јасно на знаење дека се определени да го почитуваат Уставот на државата, човековите права и институциите на државата, вклучувајќи ги и новите институции како Специјалното јавно обвинителство, да го почитуваат владеењето на правото и целите на граѓаните за интеграција во остатокот од Европа, да се приклучат во НАТО.

И од ЕУ чекаат да се формира нова влада, па да ги испорачаат своите честитки, првпат по изборите на 11-ти декември.

Моника Талеска за civilmedia.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e