Алијанса за Албанците добила понуда – вицепремиер за реформи

Наскоро треба да се именува нов министер за здравство, министер без ресор, заменик-министер за образование, а нов заменик-министер може да добие уште еден ресор, поради нездоволство од актуелниот

Вицепремиер за реформи. Според извори во владејачката коалиција, ваква функција во владиниот кабинет и била понудена на Алијанса за Албанците во замена за ресорот здравство, кој претходно беше раководен од нејзиниот кадар, неврологот Арбен Таравари. Ресорот остана без министер откако Таравари беше избран за градоначалник на Гостивар, а де факто е без раководител од 25-ти септември, кога почна кампањата за локални избори.

Алијанса за Албанците досега во повеќе наврати инсистираше нејзин кадар и натаму да раководи со со тој ресор, со образложение дека имаат многу квалитетни кадри за министерската функција во здравството. Еден од нив беше предлогот на министерското столче да седне Вулнет Ферати, поранешен претседател на Управниот Одбор на Фондот за здравство и актуелен професор на Државниот универзитет во Тетово. Од владината коалицијата не соопштуваат дали ваквиот предлог бил доставен и разгледуван, или Алијансата директно добила нова понуда: вицепремиер задолжен за реформскиот процес.

Mazedonien Krankenhaus in Gostivar (DW/S. Toevski)

Последни денови за договор

Дел од дилемите ги расчисти и самиот премиер.

„Навистина, при првичната распределба здравството беше дадено на Алијанса на Албанците, но заради доктор Арбен Таравари, кој важеше за прифатлива личност за медицинскиот персонал“, изјави завчера премиерот Заев.

Со оваа изјава Заев индиректно навести дека по заминувањето на Таравари, Алијансата не може „трајно“ да се надева на истиот ресор. Но, засега нема информации дали и колку Алијансата е заинтересирана да ја прифати новата понуда. Според извори од владејачката коалиција, разговорите не се завршени и се уште сите опции се отворени. Доколку Алијансата ја прифати функцијата вицепремиер задолжен за реформи, тогаш СДСМ ќе предложи кандидат за министер за здравство. Но, финален договор се очекува во наредните денови, откако од странство ќе се врати лидерот на Алијансата, Зијадин Села. Засега нема информации и за ставот на Алијансата кон добиената понуда. Од таа коалиција претходно стигнуваа неофицијални ставови дека би можеле да се откажат од ресорот здравство под услов да добијат ресор со идентична „тежина“. Не се знае каква тежина ќе измери партискиот кантар за вицепремиската позиција, но јасно е дека во екот на реформите таа би била значајна позиција.

Поради сѐ уште нерешените кадровски комбинации, досега не е именуван нов министер без ресор откако Рамиз Мерко стана градоначаник на Струга, а празно е заменик-министерското место во ресорот образование, откако Висар Ганиу беше избран за градоначалник на општина Чаир. Според извори од владејачката коалиција, при пополнувањето на испразнетите места може да се случи и кадровска промена на заменик-министерската позиција во уште еден ресор, поради нездоволство од работата на актуелниот. И премиерот Заев, завчера ги отфрли шпекулациите дека ќе има широка реконструкција на Владата и потврди дека ќе се пополнуваат неколку раководни позиции.

„Јас сум убеден дека уште неколку дена и ќе ја објавиме комплетната контура на Владата“, изјави Заев.

Фреквентен декември

Според нашите извори, во меѓувреме „и одредени парламентарни субјекти испратиле сигнали дека се решени да ги поддржат клучните владини реформи, но и во иднина да партиципираат во извршната власт“. Разговорите за овие намери ќе продолжат по Нова Година, со оглед дека месецот декември е прилично фреквентен – и по прашањето на клучни реформски проекти и по прашањето за пополнување на празните места во владиниот кабинет.

Mazedonien Kabinett von Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

За второво, покрај враќањето на Села од странство, се чека да заврши и посетата на владината делегација која денеска и утре ќе престојува во Брисел. Премиерот Заев денеска треба да се сретне со претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, а утре со  претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, со Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и со  комесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан. Претходно ќе присуствува и на Молитвениот појадок во Европскиот Парламент.

Молитви има во Македонија. Додека Владата е растрчана на средби со високи европски претставници, пациентите во Македонија секојдневно алармираат за последиците од фактот што здравството нема министер. Стравуваат дека ќе останат без неопходните лекови бидејќи се пролонгираат набавките, се мултиплицираат проблемите, реформите се закочени, а ниту неопходниот кадар не може да се вработи без потпис од министер.

Извор: Дојче веле

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e