(ВТОР ДЕЛ) Интервју со Борјанчо Мицевски: Носиме живот за секој граѓанин на Кр.Паланка

Во првиот дел од интервјуто со кандидатот за градоначалник на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски зборувавме за неговата визија и план како од Крива Паланка ќе направи подобро место за живеење.

Интервјуто го продолжуваме со конкретни мерки преку кои, според Мицевски ќе се подобри животот на граѓаните на Крива Паланка.

Велите ќе се залагате за професионална администрација, како планирате да го постигнете тоа?

Воведување на ISO стандарди во работата на општинската администрација и воведување на канцеларија за административна поддршка и информирање „Мој администратор“. Тие предвидуваат дека фирмата/институцијата која ги имплементира ќе стане најквалитетна во својот домен на работа. Овие стандарди се применуваат на системот за менаџмент со квалитет и истите не се однесуваат за производите кои излегуваат како аутпут, туку за начинот на менаџирање на процесите во фирмата/институцијата. Воведувањето на ваквите системи за квалитет во делот на локалната самоуправа ќе придонесе за унапредување на работата на општинската администрација, задоволни вработени при вршење на работни активности како и понуда на најдобар квалитет за граѓаните. Канцеларијата „Мој администратор“ ќе нуди информации за административните процеси и процедури за граѓаните, помош при пополнување на документација и апликации за сите административни услуги, како прибавување на катастарски документи, апликации за субвенции и помош, секаков вид на барања, молби и административни документи. Истовремено ќе биде воведена бесплатна телефонска линија за комуникација на луѓето кои доаѓаат од руралните и планинските населени места и средини. Овие услуги ќе бидат наменети за сите граѓани кои имаат потреба од истите, а ќе придонесат за брзо одвивање на процедурите, намалување на времето на чекање на шалтерите, унапредување на ефикасноста на администрацијата и нудење на најдобра услуга.

Каде се овде месните самоуправи, ќе има ли и тука некои новини?

Секако, во план ни е зајакнување на улогата на месната самоуправа. Во минатото месната самоуправа се покажа како добра организација на месното население заради решавање на локални проблеми кои го кочат нормалното живеење на граѓаните од месните заедници. Улогата на месната самоуправа ќе се врати на своите основи и повторно ќе заживее во рамки на организирање на локалната самоуправа на општина Крива Паланка. Ќе се изврши општ реизбор на раководството на месните самоуправи и ќе се вратат на управување и стопанисување јавните објекти во месните заедници. Месните самоуправи ќе се организираат како посебни правни субјекти со трансакциска сметка и печат и ќе бидт вклучени во процесот на подготвување на општинскиот буџет и планирањето на средствата за општината, со што ќе се придонесе кон издвојување на наменски средства за конкретни потреби на месната заедница. Улогата на месната самоуправа ќе биде аналитичка, проекциска и советодавна, со што директно ќе биде вклучена во креирањето на општинските политики, а и ќе се зголеми информирањето на населението преку поставување на информативни табли на соодветни локации. Комуникацијата и координацијата со локалната власт ќе биде на највисоко ниво со чести посети на претседателите на седниците на Советот на Општина заради поефикасно решавање на одредени проблеми кај граѓаните.

Како една од мерките кои тука ги предвидуваме се дека општината ќе партиципира со онолку средства колку што месното население ќе го собере на своја рака. Ова значи дека ако на пример некоја месна заедница, за решавање на некој локален, месен проблем собере 300 000 денари, општината ќе кофинансира уште толку. Досега постоеле вакви иницијативи од страна на месните населенија, меѓутоа без поддршка од локалната власт. Сега, на овој начин ќе поттикнеме побрзо и заедничко решавање на проблемите на граѓаните. Дополнително со формалната регистрација и статусот на полноправен субјект ќе овозможиме самата месна заедница да има право да аплицира за фондови од државата и од странските донатори.

Во вашите средби со граѓани најавувате и дека планирате подобрување на комуналните услуги за граѓаните. Ќе воведете ли некои новини и во работењето на ЈП Комуналец?

Ова претпријатие ја има изгубено својата намена во многубројниот опус на активности кои претходната локална власт ги наметнуваше во недостиг на креативно и практично решавање на тековните проблеми. Комуналното претпријатие доби задача за стопанисување со спортски терени, спортските сали, производство на бекатон плочки и ред други активности кои ги оптеретуваат вработените и ги дефокусира од првичните задачи, за одржување на хигиената и чистотата во градот. Затоа ова комунално претпријатие во изминатиот период не е на висина на своите задачи. Реорганизацијата ќе започне преку воведување на акционен план за враќање на претпријатието кон своите корени, ослободување од наметнатите обврски, реорганизирање на админстративните текови и целосно реорганизирање на теренските активности. Заради добивање почист град каков што заслужува секој граѓанин, ќе се направат инвестиции во дополнителна механизација за чистење и миење на улици, како и возила за депонирање на отпад до соодветна локација. Со инвестиции во механизириани мини четкачи, ќе се направи прераспределба на ангажираниот персонал и ќе се зголеми ефикасноста во метењето на улиците. Оваа предност ќе ослободи работен персонал кој ќе посвети поголемо внимание на чистотата и во околните населби. Со ова и централното градско подрачје, како и околните населби ќе добијат почиста околина, а градот ќе добие разубавен европски лик. Ќе се инвестира во изградба на нови локации за поставување на контејнери во оние места во кои што нема и ќе се направи напор за едукација на граѓаните за селекција на отпадот. Во поглед на селекцијата ќе се направат инвестиции во соодветни корпи за отпадоци на соодветен смет. Ќе се инвестира и во подобрување на селските водоводни мрежи и превземање на маалските водоводи заради одржување.

Дополнително кога сме кај ова прашање, предвидуваме намалување на сметките за комунални услуги за 15% за сите домаќинства.

6

Има ли Крива Паланка потенцијал за развој на туризмот?

Да, овде секако се мисли на заживување на туристичкиот потенцијал на Калин Камен. Заживувањето на овој локалитет е од огромна важност за развој на туризмот, зајакнување на економијата и намалување на невработеноста во градот. Калин Камен е своевидна природна атракција која со одредени инвестициони зафати може да прерасне во модерен туристички комплекс со бројни содржини кои инволвираат зимски спортови како скијање и бординг, но и развој на планинарскиот туризам, планинскиот велосипедизам и други планински спортови. Со инвестирањето во заживување на овој локалитет, значително ќе се зголемат приходите на градот, а со тоа ќе се очекува и покачување на животниот стандард на граѓаните на Крива Паланка и развој на другите производствени и услужни сектори.

Мислам дека Крива Паланка заедно со околните градови има изобилство на туристичка понуда која со мало преуредување и преадаптирање ќе може да биде навистина атрактивно место за посета на туристи. Ќе се обидеме и старите занаети да ги ставиме во функција на туризмот бидејки во светот веќе се бара ново искуство наместо класичното. Секако треба многу да се работи на промоцијата но и да се оствари соработка со туристичките агенции. Во следниот период како иден градоначалник ќе оствариме соработка и со околните општини со цел да потикнеме креирање на регионална туристичка понуда.

Секако дека неодминливо прашање е што со унапредување на спортот во општината?

Имаме идеја за формирање на претпријатие за стопанисување со спортски објекти и изградба на трибини на градскиот стадион. По одземањето на ингеренциите на стопанисување со спортските објекти на ЈП Комуналец, истите ќе се доделат на ново формирано претпријатие кое ќе има за задача да ги управува и одржува постојните спортски капацитети. Во иднина ќе се разгледува и стопанисувањето со градскиот базен, како и со реконструкција на рекреативните пинг понг маси и стопанисување со истите. Спортското претпријатие ќе биде и административно организирано, а неговата успешност ќе се бележи со развој на спортот во нашиот град но и развој и промоција на рекреативните активности.

Во секој случај општината во соработка со бизнис секторот ќе креира фонд за спорт со цел да се осигура сигурна егзистенција на спортските клубови кои ќе можат да создаваат, но првенствено и да ги задржат тука младите спортски таленти. Дополнително, сите спортски сали ќе бидат бесплатни за сите спортски клубови.

Во кој правец треба да тече понатамошниот развој на Крива Паланка?

Нема друг начин на стимулирање на развојот на општината освен да донесеме повеќе пари и за општината и за граѓаните. Повеќе средства за општината значат и повеќе пари за развој а со тоа побрзо и поефективно решавање на проблемите на граѓаните. Иако има најава од страна на централната влада дека со унапредување на процесот на децентрализација со кој општиите ќе добиваат повеќе срества, сепак треба и ние да се избориме самите за дополнителни пари за решавање на проблемите. Според мене треба да се вложува во искористување на локалните ресурси но и да се вложува во зајакнување на капацитетите на луѓето како овие ресурси најдобро да ги искористат.

Истовремено на овие процеси мора да се работи заеднички, да се вклучат сите засегнати страни, и општината, и бизнис секторот како и невладините организации за да добиеме синергетски ефект и со тоа поквалитетен и забрзан развој.

5

Што конкретно планирате за населбите од градот и од селата и каде се тука младите?

Мојата визија е првенствено да ја урбанизираме Крива Паланка, да ги задржиме и вратиме младите тука и да обезбедиме нови работни места и пристојни плати за сите граѓани.

Во делот на инфраструктурните проекти, освен они кои веќе ги набројав предвидено е да се направи пат во населба Белево кон Мечковци, потоа изградба на нова улица на потег Дом на Култура – Маневски мост, поврзување на Крива Паланка со хидросистемот Злетовица преку Лисец, поврзување со село Голеш и Трговиште, Србија, пат до Македонска Каменица за да ја поврземе Крива Паланка со другите градови од источниот регион, нови паркинг места во центарот на градот за решавање на сообраќајниот хаос, реконструкција на дотраените улици и асвалтирање на нови улици во населбите, паркови и детски игралишта, соодветно регулирана атмосферска и фекална канализација и многу други проекти..

Во делот на младите предвидено е да се работи на нивен професионален и личен развој за да развиеме способни млади луѓе креатори на идниот локален економски развој. Квалитетниот кадар, заедно со гасификацијата како ефтин енергенс ќе придонесат Крива Паланка да стане атрактивно место за инвеститорите. Ќе работиме и на нивна преквалификација и доквалифиикација за да направиме спојување на понудата и побарувачката на работната сила со цел побргу да можат да дојдат до работно место. Стимулирањето на претприемништвото и развивањето на претприемчките вештини ќе биде еден од приоритетите.

Квалитетот на живот мора да се подобри. Ќе инвестираме и во спортот и културата и ќе поддржуваме младински и граѓански иницијативи. Предвидено е формирање на младински културен центар кој ќе биде препуштен на невладините организации, кои потпомогнати од општината ќе организираат настани од различен карактер, од културни до спортски .

Покрај ова, предвидуваме и младинска канцеларија која ќе работи на младинскиот развој, изработка на шест младински политики за развој, младинско радио, субвенции за најдобрите ученици, отворен мал амфитеатар и сл.

Нови инвестиции во Крива Палнка се повеќе од потребни. Заедно со мојот тим и заедно со професионалци, добри познавачи на проблематиката, ќе изработиме стратегија за локален економски раст кој ќе ги определи правците кон кои треба да се движи Крива Паланка во потрага по нови инвестиции. Ќе формираме инкубатори за бизнис идеи и ја вклучуваме бизнис заедницата во креирање на приоритетите на општината. Ги здружуваме бизнисите, општината и граѓаните, со единствена цел – нови и подобро платени работни места.

Каква порака ќе им оставите на граѓаните пред крајот на изборната кампања и пред гласањето во недела?

Гласот во недела е исклучително важен бидејки на Крива Паланка и се потребни промени. Промени кои ќе донесат едно подобро утре за сите граѓани, промени на просперитет и благосостојба. Промени за поквалитетен живот, но пред се промени за да си ја осигураме иднината и да ги задржиме и вратиме младите тука со нас, промени да обезбедиме вработување и пристојни плати за сите.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нуди квалитетна програма и искрени, способни и чесни кандидати кои ќе се грижат за решавање на проблемите на сите граѓани.

Ги повикувам сите граѓани на Крива Паланка во недела масовно да излеземе и да гласаме за бројот 19, за да ја заокружиме промената и да обезбедиме живот во Крива Паланка за сите!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e