Реконструкција на регионалниот пат с.Бигла-Виница

Реконструкцијата на регионалниот патен правец село Бигла- Виница во должина од 14 км. ќе започне за две недели. Градежните работи за овој патен правец се влезени во Програмата на ЈП за државни патишта, а согласно со проектот предвидена е изградба на коловоз со ширина од 5 метри, банкини од двете страни на коловозот, како и изградба на одводни канали.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, истакна дека перманентниот проблем со одроните на овој дел од меѓународниот пат М.Каменица- Кочани, актуелните градежни работи за санација на овој патен правец кој ги изведува „Гранит“, но и барањата од жителите од овие населени места, алармираше на итна реакција од страна на Општините Делчево и Виница.

– Првичното решение е да се создадат нормални услови за одвивање на сообраќајот преку алтернативен пат, во случајот патот с. Бигла – Виница.  Реконструкцијата на патниот правец с.Бигла-Виница е влезена во Програмата на ЈП за државни патишта. Затоа најавувам итна санација на алтернативниот пат с.Бигла-Виница во должина од 14 км., средствата се од ЈП Државни патишта во висина од 52 милиони денари. Проширувањето на патот ќе биде од сегашните три на пет метри, истакна Трајковски.

Тој додаде дека досега на оваа делница која е во должина од 18 км веќе е направена реконструкција на околу 2 км од делчевската страна и 2 км на виничка територија.

-Жителите на село Бигла подолго време изразуваа незадоволство од состојбата на патот, бидејќи целиот сообраќај, во случаи како сега, кога е затворена сообраќајницата М. Каменица-Кочани, се пренасочува преку овој алтренативен пат што создава голема фреквенција на возила,  ризици и небезбедно одвивање на сообраќајот. Затоа, приоритет ни беше итната реконструкција и проширување на делницата с.Бигла-Виница, рече Трајковски.

Инаку, во Програмата на ЈП Државни патишта е влезена и реконструкцијата на патот А3 во должина од 5 км, односно делница на бул „Македонија“ во Делчево до селото Ѕвегор. Исто така, ќе се реконструираат и 15 км од патниот правец  Делчево – Пехчево.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e