(ПРВ ДЕЛ) Ексклузивно интервју со Борјанчо Мицевски: Кр.Паланка ќе биде посакувано место за живеење!

И-портал направи ексклузивно интервју со Борјанчо Мицевски –  кандидат за градоначалник на Крива Паланка од редовите на СДСM и коалицијата “За живот во Македонија”. Интервјуто со Мицевски ќе биде објавено во два дела.

Борјанчо Мицевски е човек кој не сака многу да зборува за себе, минал низ многу животни ситуации, патешествија, предизвици а неговите резултати се видливи денес. Добар сопруг и татко на две прекрасни деца, ќерката Горјана и синот Матеј. Дипломиран професор по хемија, актуелен директор на Државен инспекторат за урбанизам и градежништво, долги години работа во НВО, член на советот во Општина Крива Паланка и претседател на општинската организација на СДСМ Крива Паланка од 2013 година.

Во интервју за нашиот портал наведува дека може да се избори за подобра економија, стандард, вредности како и за зачувување на локалните и национални ресурси. Како човек кој има искуство во локалната заедница тоа може да му биде голема предност во кампањата во која сака да ги поттикне членовите на СДСМ, симпатизерите како и неопределените гласачи кои не излегуваат на избори, сега да го направат вистинскиот избор за европска и силна Крива Паланка.

Мицевски на овие избори излегува како кандидат на СДСМ и коалицијата “За живот во Македонија”, за него практикувањето на локалните политики се предизвик и можност да го имплементира своето знаење од досегашната работа.

1

– Која беше причината да се одлучите да се кандидирате за прв човек на Крива Паланка?

Потекнувам од вас и припаѓам на вас, зошто маките на моето семејство се и маки на сите нас заедно. Минав многу тешки моменти заедно со моето семејство, работев работи кои не се моја професија зашто немав друг избор, не се срамам од тоа, напротив сите овие случувања ме направија, поцврст, похрабар и упорен во постигнуавње на мојата цел, да овозможам убав живот на сите мои сограѓани.

Погрешните политики и тешки човечки судбини на бројни семејства беа пречести во предходниот период. И тоа мора час поскоро да запре. Во изминативе десет години имавме борба за слобода и минавме низ многу патешествија, припаѓам меѓу граѓаните, сакам да бидам рамо до рамо со нив и тоа ќе биде и мојот пристап во мојата работа како градоначалник. Ќе бидам меѓу кривопаланчани а мојата кабинетска просторија нема да биде затворена за никого. Верувам дека на 15 октомври граѓаните ќе ја прифатат подадената рака на соработка и чесност за да генерираме нови успеси и за Крива Паланка и за Македонија.

-Кои се според Вашето мислење најдобрите особини за еден добар градоначалник? Мислете ли дека харизмата и едноставноста се клучни за да се занимавате со политика на локално ниво?

Се што правев досега е од моето животно искуство дека секој ден мораш да работиш, дека мораш да направиш план, дека не смееш никако од ништо да се откажеш, дека мораш да бидеш вреден. Ако години наназад некоја работа не оди на добро а ние тоа го гледаме, тогаш имаме одговорност и да го промениме. Мислам дека Крива Паланка се доближи до една точка на трајно пропаѓање. Ми се чини дека ние сме блиску токму до таа точка во смисла на човечки потенцијали, каде многу луѓе на разни возрасти заминаа од дома, оставија фамилии за да заработат парче леб. Јас потекнувам од нормално македонско, работничко семејство каде се почитуваат верата и традицијата, знам да ги почитувам сите луѓе, независно од каде доаѓаат и каде припаѓаат. Сите ние сме едни исти, сите сме со свои проблеми, со свое минато и не треба да се срамиме ако некогаш сме биле работници и сме се бореле со неправдите кои ни биле нанесени од некој друг, намерно а можеби некогаш и ненамерно. Јас многу добро знам како е да се биде среќен но добро знам и дека имало моменти на тага. Се е тоа дел од нашиот живот, само треба да бидеме цврсти, решителни и да се бориме против неправдите.

-Позади Вас е богата кариера со бројни работни позиции.Колку овие Ваши искуства од разни области би ви користеле во работата како градоначалник?

Со мојата досегашна работа и се она што стои позади мене покажав дека знам и можам да решавам кризни состојби, дека знам да ги активирам луѓето и ресурсите со кои располагаме и да создадеме нешто од тоа. Работата во невладиниот сектор ми овозможи да се запознаам со алтернативните извори на финансирање на општините, преку странските амбасади и фондовите на Европска Унија, и на овој начин преку изработка на проекти ќе ги решаваме голем дел од проблемите на граѓаните. Искуството пак во советот на општината ми овозможи да се запознаам со начинот на функционирање на локалната самоуправа и мислам дека лесно ќе се адаптирам на начинот на работа.

Секако, клучот е и во тоа да донесам способен тим за работа кој ќе знае како најдобро да се искористат ресурсите за да обезбедиме забрзан развој на општината.

-Имате ли животно мото?

„Животот е прекрасна борба“, тоа е она што ме следеше долги години во мојот професионален и личен развој. Секој од нас имал некој свој почеток и во тие моменти многу важно е да имаш поддршка покрај себе но и да бидеш охрабрен во своите намери. Точно знам колкаво е тоа влијание за понатамошниот развој и успех на секоја личност. Ќе повторам, мојот живот е како еден голем океан, бројни животни моменти, лекции од кои учев, длабоки рани, болка, а за сето тоа да го надминам морав да бидам цврст и силен, да научам да се борам за добро, да се надградам себеси за да можам да им помогнам на тие околу мене. Храброста беше секогаш покрај мене, ми велеше немој да потклекнеш, издржи, секој ден е нов, ќе има нови почетоци. Способност е да се биде како Феникс, да се издигнеш од сопствената пепел и да се обновиш а нешто длабоко во мене ми велеше, ќе биде добро, доаѓаат нови денови, ова нема да заврши така !….

-Кои се според вас најголемите проблеми со кои Вашите сограѓани се соочуваат?

Пред се потребна е професионална администрација која посветено, отчетно, одговорно и транспарентно ќе работи во интерес на своите граѓани и развој на локалната заедница. Сега луѓето за да завршат некоја своја работа во општината мора да имаат некој познаник и тоа е недозволиво. Тука се и административните процедури кои дополнително го отежнуваат решавањето на проблемот на секој индивидуален граѓанин. Голем проблем претставува и сообраќајниот хаос кој го отежнува слободниот проток на минувачите и возачите и ја загрозува безбедноста на учесниците во сообраќајот. Крива Паланка бележи катастрофален неуспех во привлекување на странски гринфилд инвестиции во изминатиот 10 годишен период кој се одрази директно на граѓаните, нивната социо-економска стабилност и мирен и достоинствен живот и доведе до егзодусот на младите луѓе кои немајки перспектива заминаа по корка леб надвор од општината и државата.

Испуштањето на отпадните води во Крива Река без нивно претходно прочистување ја загадува животната средина, се уништуваат плодните површини и го загрозуваат животинскиот и растителниот свет. Загадувањето пак на плодните површини индиректно придонесува и за влошување на човековото здравје преку конзумирањето на производите кои доаѓаат од овие загадени површини. За ова веќе е предвидено решение кое се состои во изградба на пречистителна станица за отпадни води преку кои ќе добиеме пречистена вода погодна за наводнување на земјоделските површини.

И крајно еден од најголемите проблеми е и недоволно развиената инфраструктура во приградските и селските населби. Недозволиво е во 21 век луѓето сеуште да немаат канализација или соодветно пристапен пат. Во следниот период ќе работиме  на решавање на овие проблеми на граѓаните и убеден сум дека со поддршка од централната власт за тоа ќе се избориме.

Крива Паланка како град на крајот на североисточниот дел на Македонија е некако сообраќајно отсечен од останатите делови на Македонија. Ќе работиме и на решавање на овој проблем за да ја поврземе Крива Паланка со источниот дел на Македонија, но и со Република Србија преку граничниот премин Голеш.

-Кои се според Вас најголемите предности на Крива Паланка?

Општината има бројни предности како на пример, гасоводниот тек од Бугарија, тој поминува низ Крива Паланка и е одлична можност за градот да се приклучи кон истиот и да ги искористи неговите потенцијали. Инвестицијата во гасоводен систем за градот ќе биде долгорочно решение кое ќе им служи на идните генерации, развој на индустријата, стопанството и градот. Крива Паланка има соодветни можности за лесните индустрии кои се продолжеток на примарното производство. Огромните потенцијали на градот се неискористени и се одличен простор за развој на претприемничките идеи кои лесно може да се материјализираат во мали и средни капацитети за производство, преработка и доработка. Покрај овие капацитети, ќе се стимулира и развојот на услужниот сектор. Крива Паланка ги поседува исите предуслови за воведување на светските стандарди за органско примарно производство поради еколошки чистата околина, како и предуслови за воведување на HACCP и ISO стандардите за квалитет, кои се чинители и стимулатори на конкурентноста на пазарите.

Градот поседува и огромни потенцијали за инвестиции во обновливите извори на енергија, минерални и природни богатства. Крива Паланка има големи потенцијали за развој на земјоделието, но за жал секоја година огромен број на обработливи површини остануваат необработени со што се губи огромен дел од приходот на локалното земјоделско население. Земјоделците многу често ги оставаат овие површини необработени поради недостапноста на вода и системи за наводнување. Близината на браната Кнежево е одлична можност за локалното земјоделско население да се здобие со доволни количини на вода за наводнување. Изградбата на цевковод од дваесетина километри, како оној што го има кон Општина Штип, ќе придонесе за развојот на земјоделието од овој крај. Со ова ќе се подобри социо–економската состојба во овие села, ќе се намали миграцијата и ќе се мотивира населението да ги користи неискористените потенцијали како би се подобрил сопствениот живот. Наводнувањето на земјоделските површини ќе ја зголеми и конкурентноста на земјоделците од овој крај на националните и прекуграничните пазари, ќе ја зголеми трговијата и размената.

Која е вашата визија и мисија за подобра Крива Паланка?

Мојата визија е модерна, современа, просперитетна и европска Крива Паланка која пружа можност за раст, развој и социо-економски просперитет на секој поединец. Тоа ќе го постигнеме преку професионална администрација која посветено, отчетно, одговорно и транспарентно работи во интерес на своите граѓани и развој на локалната заедница, креирање на поволна биснис клима, промоција на општината како атрактивна туристичка дестинација со развиена и современа инфраструктура, кои се основа за социо-економси раст и развој. Вложувањето во човечкиот капитал е едно од клучните работи за развојот. Мојот план предвидува и вложување во развојот во капацитетите на луѓето, особено на младите луѓе, преку развивање на знаења и искуство, бидејки сметам дека образованието е еден од главните столбови на општеството. Имањето на способни и вешти луѓе придонесува кон  општествен развој кој оди со многу позабрзано темпо.

2

Доколку бидете избран, според кои принципи и постулати ќе се гради модерна и европска Крива Паланка.

Во едно сте тука во право, а тоа е дека Крива Паланка ќе биде европски и модерен град кој ќе биде посакувано место за живеење.

Општината ќе се гради преку следните клучни столбови на развој:

  1. Градиме по план – ја приспосубуваме целата урбана и рурална инфраструктура да биде во функција на граѓаните, градиме одговорно, квалитетно и домаќински и најважно според приоритетите на граѓаните.
  2. Обезбедуваме чиста вода и чист воздух за сите – обезбедуваме здравје за сите.
  3. Повеќе пари за граѓаните – Општините ќе добиваат повеќе пари и со тоа повеќе средства за развој. Со нив ќе се намалат трошоците на граѓаните на терет на општината и ќе се вложува во креирање на клима за нови инвестиции и нови подобро платени работни места.
  4. Отворена и услужна општина за сите – ја отвараме локалната самоуправа за да може секој граѓанин да добие навремени, квалитетни и ефтини услуги.

Кои се вашите клучни проекти во програмата?

Гасификацијата е дефинитивно најклучниот проект. Со приклучување на гасоводната мрежа граѓаните ќе заштедат повеќе пари во семејниот буџет , компаниите ќе имаат намалени трошоци а ќе се подобри и бизнис климата со доаѓање на нови инвеститори. Новата локална власт преку вакви крупни проекти ќе работи на привлекување на инвеститори кои ќе отвораат нови и добро платени работни места и нема воопшто да се плашат дали некој локален моќник ќе ги уценува или рекетира како што некои го правеа до сега.

Освен во гасификацијата, во што друго ќе вложувате?

Секако дека освен гасификацијата ќе се вложува и во други капитални проекти од интерес на граѓаните.

Еден проектите е дислокација на депонијата за здрава животна средина. Тоа ќе значи дислокацијата на насобраниот отпад од градската депонија и неговото правилно уништување го решава огромниот проблем на граѓаните на Крива Паланка и околните села и истовремено го унапредува квалитетот на животната средина. Подземна сообраќајница и подземен паркинг, за слободни и проодни улици. Ги ослободуваме улиците околу Плоштадот од сообраќајниот метеж со изградба на нова подземна сообраќајница и подземен паркинг простор што ќе се изградат под плоштадот. Изградба на покриен градски пазар со сопствен паркинг простор. Наместо досегашниот руиниран и дотраен пазар, Крива Паланка ќе добие нов модерен функционален градски пазар со што ќе се подобрат условите за работа, ќе се зголеми безбедноста на храната и ќе се поттикне локалниот економски развој. Нов парк, за повеќе зеленило во градот. Во склоп на градскиот плоштад кој ќе се ослободи од сообраќајниот метеж и ќе стане пешачка зона, ќе се изгради и опреми парк со хортикултурно уредување и придружни елементи со што центарот на градот ќе добие нов модерен лик.

Освен капиталните проекти ќе вложуваме и во спортот и културата, како и во развојот на капацитетите на младите луѓе. Ќе ги помагаме и сите спортски клубови и невладини организации и ќе бидеме нивни партнери во креирањето на развојот на општината.

 

Во вториот дел од интерјуто кое ќе биде објавено утре, петок, 13.10.2017г, се наведени и многу поконкретни проекти и мерки за населбите во Крива Паланка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e