Газдата на „Веибо“ в понеделник доаѓа во Македонија, вработените да бидат трпеливи!

Сопственикот на текстилната фабрика „Веибо груп“ Мустафа Иршат Канџа од Турција в понеделник доаѓа во Македонија, потврди вицепремиерот Кочо Анѓушев. Средбата доаѓа по секојдневните протести од страна на работниците кои со денови протестираа и пред фабриката но и на улиците на Крива Паланка заради неколкумесечните неисплатени плати.

Од Владата рекоа дека прават напори во постоечкиот капацитет да влезе нов инвеститор, но дали тоа ќе се случи се уште ништо не се знае.

Вицепремиерот рече дека нема да може Владата да им ги исплати заостанатите плати, зашто тоа било приватна компанија, која тонела во долгови.

– Веибо е приватна компанија која долго време преговарала со поранешната влада за одредени субвенции и тука имало неодговорен однос од двете страни, а резултат на тоа е денешната ситуација која се случува во Крива Паланка, 200 вработени да останат без работа. Како Влада можеме да ги направиме сите можни чекори за да дојде соодветен инвеститор на местото на Веибо за да ги вработи тие луѓе во соодветната бранша. Имаме веќе неколку разговори на таа тема и ги замолувам вработените да бидат трпеливи, рече Кочо Анѓушев.

Работниците се надеваат дека турските газди ќе им излезат во пресрет на нивните барања. Велат дека сега им останува само да чекаат, зашто периодов, како што велат, се изнаслушале само лаги. Се уште, велат, имаат трошка надеж за изнаоѓање на нивниот проблем, кој ги преминал границите на човечност.

Поранешните вработени со недели протестираат пред погонот искажувајќи револт. Од раководството во Скопје и натаму молк. Менаџерката на „Веибо“, Кристина Јакимова, како што велат работниците, во иднина не сакале да комуницира со нив, зашто според нив, тие веќе не работеле во „Веибо“. Побарала да достават правен документ, кој ќе ги застапува сите, за понатаму да склучат спогодбен договор со конкретни рокови за подмирување на барањата.

Денеска состанок со вицепремиерот Анѓушев оствари и градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски каде се разгледувале можните решенија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e