Директорот на ЈКП Сопиште годишно наплаќа 70 илјади денари за сопственото возило да го користи како службено?!

Јавното комунално претпријатие Сопиште за годинава планира да потроши сума од 230 илјади евра. Тоа е приближно еднакво на сумата што планира да ја прибере од наплата од граѓаните за услугите што им ги дава. Ова Јавно претпријатие, минатата година ја заврши со минус од 16 илјади евра, а годинава планира да биде во плус од само 947 денари.

Инаку, во Законот за јавни претпријатија јасно стои дека „ако се утврдат загуби во работењето, директорот е должен истите да ги отстрани во наредните шест месеци. Ако загубата не се покрие во овој период, директорот ќе биде разрешен“

ЗА ШТО И КАКО СЕ ТРОШАТ ПАРИТЕ ВО ЈКП СОПИШТЕ

Најголемиот дел од парите, односно дури 37% завршуваат за плати за вработените, надоместоци за дополнително ангажираните работници и за членовите на Управниот одбор.

Ова претпријатие, во последните три години имало во просек по 10 тина вработени.  За плати за вработените сега се планирани 65 илјади евра, за дополнително вработените се планирани уште 13 илјади евра, додека за членовите на Управниот одбор се планирани 6.500 евра.

ОГРОМНИ СМЕТКИ ЗА ТЕЛЕФОНИ

Јавното комунално претпријатие во Сопиште само за трошоци за телефони и интернет планира да потроши 2.600 евра. При тоа на барање на советниците од СДСМ, добиено е појаснување дека тоа е сума за шест лица, што значи дека секој троши за телефон по околу 27 илјади денари.

СЕ ТРОШИ И ЗА СЛУЖБЕНИ РУЧЕЦИ

Во Јавното комунално претпријатие Сопиште, кое минатата година ја завршило со загуба, годинава за репрезентации и ручеци се планирани 2 илјади евра, но и уште 20 илјади денари за службени патувања.

ДИРЕКТОРОТ СЕ ВОЗИ СО СОПСТВЕНОТО ВОЗИЛО И ЗА ТОА НАПЛАЌА НАРОДНИ ПАРИ

 Во буџетот на ЈКП Сопиште е наведено дека за трошоци за користење на сопствено возило, некој ќе си наплати сума од 70 илјади денари. На вчерашната седница на Советот на општината, советниците од СДСМ побараа отчет кој и зошто наплаќа од државната каса за користење на сопствено возило. Одговорот е дека, директорот го користи своето возило за службени потреби и тоа уште од 2009 година, на што советникот од СДСМ, Сашо Стојановски реaгираше дека ако е така, тоа значи дека директорот за овие осум години си наплатил 560 илјaди денари, пари со кои можело да се купи ново возило и кое ќе можело да се користи за повеќе цели а во интерес на граѓаните.

Во документите доставени до советниците не е доставен биланс на состојба, па не може да се направи проценка дали амортизацијата од 8.800 евра што ја пријавуваат е реална, особено што ЈКП Сопиште се потпира на надворешни фирми за одржување.

Претпријатието планира трошоци за зимско одржување во износ од 34.800 евра и  приходи од зимско одржување во износ од 38.380 евра.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e