За три недели потрошени 6,1 милиони за увоз на струја

Со последниот тендер за набавка на електрична енергија со кој државната компанија ЕЛЕМ во петокот набави 22.200 мегават часови за потребите до крајот на месецот, трошоците за увоз на струја само за јануари достигнаа до околу 6 милиони евра. Производството на електрична енергија е ограничено и проблемот е во тоа што немаме доволно своите капацитет, велат експертите. 

Увозот на струја продолжува и покрај тоа што РЕК Битола работи со полн капацитет, а веќе една недела во погон е и термоцентралата Осломеј. Од ЕЛЕМ велат дека ноаѓалиштето на јаглен со кое се снабдува Осломеј е при крај со својата експлоатација, а активирањето на ТЕЦ Неготино е поскапо од производната цена. Според стручните анализи пак поевтино е да увезуваме јаглен и да произведуваме струја од домашните термоелектрани, отколку да увезуваме струја.

Потребите за електрична енергија растат од година во година со што се очекува увозот да се зголеми доколку не се инвестира во нови капацитет. Чебрен и Галиште не се атрактивни за инвеститорите, а пропадна идејата и за изградба на хидроцентралата Бошков мост откако Европската банка за обнова и развој одлучи да го повлече кредитот.

Од опозицијата, пак, очекуваат увозот на струја да продолжи и во февруари без разлика на временски услови, што би довело до повисоки сметки за струја во иднина.

„Електраните во Македонија се во катастрофална состојба. Лага е дека студот придонел за зголемување на увозот, тој само ги забрза процесите за да се соочиме со кризата што ја имаме деновиве. Македонија не може да произведе електрична енергија сама за себе  во овие моменти. Неминовно е дека се создаваат големи загуби кои нема да можат да се испеглаат во следните месеци. Без разлика кој и да биде менаџер на ЕЛЕМ во иднина, ќе мора да побара зголемување на цената за струја“, велат оттаму.

На последниот тендер државните електрани набавија мегават час по 88 евра, додека на дел од акуциите што се одржаа месецов највисоката платена сума за еден мегават час достигна и до 240 евра. Од ЕЛЕМ убедуваа дека увозот нема да ја зголеми цената на струјата, но последниот збор ќе го има Регулаторната комисија за енергетика која одлучува во јули.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e