Јавните претпријатија во долгови до гуша

Јавните претпријатија и должат на државата 17 милиони евра за даноци. Дополнително тие се неколку пати повеќе задолжени и кај приватните компании со што создаваат должнички круг од кој тешко се излегува, велат економските аналитичари.

Вкупно 24 јавни претпријатија се најдоа на последната црна листа на Управата за јавни приходи. Тие не платиле даноци во вредност од 17 милиони евра.

На листата на 20 најголеми должници се најдоа јавните претпријатија Македонија пат, Македонски шуми, Јавното комунално претпријатие Тетово и Македонска радиотелевизија. Само овие четири претпријатија должат речиси 13 милиони евра.

Економскиот консултант Горан Рафајловски вели дека тоа што јавните претпријатија и должат на државата не е толку голем проблем затоа што секаде во светот државата е лош стопанственик. Тој додава дека поголем проблем во јавните претпријатија се долговите кон останатите компании, кон приватните компании, отколку кон самата држава. Рафајловски верува дека тој долг кон останатите компании е 3 до 5 пати поголем од овој долг што го имаат јавните претпријатија кон државата.

„Нема пари во стопанството, тоа е последицата, значи кога вие нема да платите на приватна компанија, понатаму приватна компанија нема да плати на друга приватна компанија и кругот ќе се врти и ќе се врти“, вели тој.

Рафајловски посочува дека затоа е направен законот за финансиска дисциплина, но оти очигледно не умееме да го примениме.

„На сите им е јасно дека Македонија пат има судска одлука од која не исплаќа долгови и дека само пари за плати и за секојдневни трошоци и се обезбедуваат, а колку е должна на сите страни веќе луѓето забораваат или не знаат, настрана фирмите кои настрадале од неа, кои добиле и судски одлуки, извршни решенија за наплата и се останато“, вели Рафајловски.

Во меѓувреме, информативниот портал Фактор објави и податоци според кои службените вечери платени од сметката на Македонски шуми изнесувале и по неколку стотини евра. Рафајловски вели дека проблемот не треба да се бара само во непродуктивните трошоци, туку во неправилното работење на јавните претпријатија кое создава проблем во стопанството.

„Главниот проблем е колку суми должат кон приватни претпријатија со кои работат. Колку Македонија пат должи према приватните претпријатија и колку време не платила, колку Водовод не платил и колку должи па и зошто должи, како можат да предизвикуваат загуби кога користат домашни природни ресурси, тоа е прашањето, а не дали направиле сметка од 50 или 40 илјади денари во кафеана“, вели Рафајловски.

Дел од економските аналитичари проблемот го лоцираат во лошото менаџирање на јавните претпријатија, во превработеноста, во партиските вработувања, како и во неспроведувањето на законот за фискална дисциплина.

Оваа ситуација создава тешки последици врз стопанството и доколку се собере сила да се раздолжат компаниите меѓусебе, многу брзо на економијата ќе и тргне напред, објаснува Рафајловски.

Извор: Радио Слободна Европа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ