ДВ: Каде е поевтино – во Македонија или во Германија?

Споредбата на малопродажните цени во двете земји покажува дека многу основни прехранбени производи се поевтини во Германија, наспроти анализите кои го тврдеа спротивното. – објави Дојче веле.

Лебот, брашното, оризот, млекото, маслото за готвење, алкохолот, козметиката… Сите овие производи се поевтини на германскиот пазар во однос на македонскиот, покажува нашето мало истражување на цените на основните животни продукти во двете земји.

Анализата на германскиот Институт ВСИ за трошоците за живот во европските земји која ја објавивме минатата недела предизвика бројни полемики на социјалните мрежи. Во истата се тврдеше дека основните животни производи во Македонија се меѓу најевтините во Европа и дека таквата разлика доведува до тоа едно евро заработено во Германија да вреди двојно повеќе во Македонија.
Поведени од ваквиот заклучок тргнавме во директна анализа на цените на основните животни производи во Македонија и во Германија. Како основа ја зедовме содржината на потрошувачката кошничка која, иако веќе не се пресметува ниту од македонскиот Завод за статистика, сепак дава увид во тоа кои производи порано се сметале за „основни”.

Нашата анализа укажува дека производите во Македонија не само што не се поевтини, туку се во најмала рака со иста цена или дури и поскапи од богатата Германија.

Во Македонија, ги споредивме цените во повеќе супермаркети во Скопје и по правило во оваа анализа ви ја презентираме најниската пронајдена цена.

Во Германија, како основа земавме супермаркет во Келн кој се смета за релативно поскап и свесно ги избегнавме најевтините „дисконти” како Лидл или Алди, затоа што во таков случај, разликата ќе беше уште поголема.

Најдиректна споредба успеавме да направиме во понудата на германската дрогерија „ДМ” која во меѓувреме отвори свои продавници и во Македонија, а ги нуди речиси истите производи во двете земји. Притоа, споредивме производи за кои царината е укината уште од 2011 година согласно Договорот за слободна трговија со ЕУ.

Нашиот заклучок: без оглед на огромната разлика во животниот стандард и просечната плата, цените во Германија во најголем дел се пониски. Во Македонија се поевтини солта, кафето, овошјето и зеленчукот. Во анализата не е земена предвид цената на цигарите, кои во просек, во Македонија се речиси трипати поевтини, ниту на облеката. Исто така, невозможно е да се направи и анализа на квалитетот на производите.

defaultНашата анализа укажува дека производите во Македонија не само што не се поевтини, туку се во најмала рака со иста цена или дури и поскапи од богатата Германија.

Минимални разлики во цената на храната

Но, да одиме по ред. Кај основните прехранбени продукти разликите се минимални.
Во просек, векна бел леб од 750 грама во Германија чини 0,85 евра (51 денар), а француски багет од 250 грама чини 0,60 центи (36 денари). Векна бел леб од 250 грама во Македонија чини 27 денари, а некаде достигнува и 39 денари.

Домашен ориз од втора класа во Македонија за 900 грама чини 46 денари. Во Германија, ориз од прва класа чини од 0,80 центи (48 денари) за килограм.

Најевтиното брашно од Тип 400 во Македонија може да се најде за околу 24 денари за килограм. Истото во Германија чини од 0,30 центи (18 денари) за килограм.

Килограм шеќер во Германија чини околу 0,69 центи (42 денари), а во Македонија најевтиниот кој го најдовме во супермаркет беше 38 денари за килограм.

Еден литар кравјо трајно млеко со масленост од 3,2 проценти во Македонија може да се најде за најниски 38 денари, а просечната цена се движи околу 45 денари за литар. Во Германија, најевтиното млеко започнува од околу 0,55 центи (33 денари), а поскапото „Алпско” млеко е околу 1 евро.

Сол во Германија чини околу 1,38 евра за килограм (85 денари), во Македонија 28 денари.

Килограм компир во Германија чини во просек околу 90 центи, но во некои маркети за поголемо количество од 4 килограми, на пример, можете да го купите и за 0,40 центи (24 денари) по килограм. Во Македонија компирот може да се најде за цена од 25 до 50 денари за килограм.

Еден литар од најевтиното сончогледово масло за готвење во Германија чини околу 1 евро (60 денари). Во Македонија еден литар од најевтиното масло чини 65 денари.

Кашкавалот од типот Гауда и Едамер во Македонија чини од 350 до 370 денари за килограм. Во Германија, холандската Гауда ќе ве чини околу 5 евра за килограм (300 денари), а Ементалер околу 5,4 евра (330 денари).

Килограм пилешки гради во Германија чинат 6 евра (360 денари), додека во Македонија свежото во супермаркет ќе го најдете за околу 400 денари за килограм, а смрзнатото и далеку поевтино – нешто над 200 денари за килограм. Мешаното мелено месо (свинско и јунешко) во Германија е во просек околу 4,5 евра (270 денари) за килограм. Во Македонија, еден килограм чини најмалку 240 денари, а за свежо мелено и до 360 денари за килограм.

Mazedonien Preise Vergleich (DW/K. Delimitov)Поголема разлика има единствено во цените на овошјето и зеленчукот во двете земји. Македонскиот потрошувач има поевтин избор.

Мала табла со шест јајца во Македонија чини околу 50 денари, а во Германија околу 1 евро (60 денари).

Кај цената на кафето е малку потешко да се направи директна споредба затоа што во Македонија далеку повеќе се конзумира турското кафе, кое во Германија речиси и го нема во големите супермаркети. За 100 грама „турско” во Македонија треба да издвоите околу 37 денари, додека 100 грама „филтер” кафе кое најчесто се конзумира во Германија ќе ве чини околу 1,5 евра (90 денари) за 100 грама.

Помала е разликата кај „Нес” кафето за кое во Македонија за 200 грама ќе платите 310 денари, а во Германија околу 6 евра (360 денари).

Заштедете на овошје и зеленчук – преплатете алкохол

Кај овошјето и зеленчукот македонскиот пазар е во предност, и тука цените се во корист на тамошните потрошувачи. Јаболката во Македонија се продаваат од 23 денари за килограм, па нагоре. Во Германија најевтините домашни јаболка не можете да ги најдете за помалку од 1 евро за килограм, а увозните достигнуваат и до 3 евра. Мандарини во Македонија чинат околу 45 денари за килограм, а во Германија 1,33 евра (80 денари) за килограм.

Слично е и кај зеленчукот: доматите во Македонија чинат меѓу 80 и 120 денари за килограм, а во Германија – 2,50 евра (150 денари). Краставиците чинат 192 денари за килограм во Македонија, а во Германија 0,70 евра (42 денари) е едно парче кое вообичаено тежи меѓу 250 и 300 грама.

Килограм пиперки во Германија ќе ве чини околу 2,50 евра (150 денари), а во Македонија 125 денари.

Кај безалкохолните пијалоци исто така нема подрастични разлики во цените во двете земји. Шише „Кока-кола” или „Фанта” од 1,25 литри во Македонија чини 45-50 денари. Во Германија, пак за еден литар „Кока-кола” ќе платите 85 евроценти (51 денар).

И кај сокот од портокал, споредбата дава сличен исход. Еден литар од поевтините марки во Македонија чини околу 60 денари, слично како и во Германија, каде можете да го купите сокот за околу едно евро. Поскапиот сок од портокал на фирмата „Рауш”, кој може да се најде и во двете земји, во Македонија чини 90 денари, а и во Германија 1,5 евра.

Целото истражување објавено на Дојче веле, прочитајте го тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e